Европа
Анкета: Третина Руси сметаат дека Донбас треба да биде независен
Една третина од Русите веруваат дека рускојазичниот регион Донбас во источна Украина, каде што веќе цела година војуваат силите лојални на прозападните власти во Киев и на проруските бунтовници, треба да биде независен, но не го гледаат како дел од Русија.
Во обемното испитување на јавното мнение на американскиот институт Pew Research Center, спроведено во осум земји членки на НАТО, САД, Канада, Италија, Франција, Велика Британија, Германија, Шпанија и Полска, и уште во Украина и во Русија, спроведено телефонски или лично меѓу 11.116 полнолетни лица во периодот од 6-ти април до 15-ти мај, резултатите објавени во средата покажуваат дека 35 отсто од Русите се изјаснуваат во полза на независност на Донбас. За негово присоединување на Русија, како што тоа го стори црноморскиот полуостров Крим во март 2014-та по соборувањето на украинскиот претседател Виктор Јануковуч се изјасниле 24 отсто. Дека оваа област составена од доминантно рускојазичниот региони Донецк и Луганск, треба да има поголема автономија во составот на Украина, сметаат 21 процент, а 11 отсто сметаат дека е неопходно ситуацијата да биде вратена како пред избувнувањето на кризата.
Меѓу испитаниците во Украина, пак, преовладуваат спротивните ставови. Таму за зачувување на „пред кризниот“ статус на Донбас се изјасниле 51 отсто од Украинците, 33 проценти сметаат дека регионот треба да добие поголема автономија: Како дел од Русија го гледаат 2 отсто од испитаниците, а како независна држава 4 отсто.
Единствено што се совпаѓа во анкетите и во Русија и во Украина е бројот на неодлучни, кој изнесува 10 отсто./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.