Европа
BahamaLeaks: Јункер бара објаснување од екс еврокомесарката Нели Крус
Европската омисија побарала во четвртокот појаснување од поранешната холандска еврокомесарка во два мандата Нели Крус поради тоа што при преземањето на должноста не пријавила дека има директорско место во една офшор компанија регистрирана на Бахами, карипскиот остров познат како една од даночните оази во светот.
„Комисијата за тоа не била известена и сега бара објаснување“, изјави портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Шинас, додавајќи дека претседателот на ЕК, Жан-Код Јунекр ѝ пратил писмо на поранешната комесарка Нели Крус со такво барање.
Неколку европски весници во соработка со Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ) објавија детали за 175.000 компании регистрирани на Бахами. Околу 1,3 милиони документи за офшор компаниите регистрирани на Бахами се во посед на германскиот дневен весник Sueddeutsche Zeitunga и на ICIJ. Аферата во медиумите го доби називот „BahamaLeaks“.
Според овие документи, Нели Крус била директорка во една енергетска компанија, основана во Обединетите Арапски Емирати, со седиште на Бахамите. Таа била директорка во компанијата „Mint Holdings Ltd“ од 4-ти јули 2000 до 1-ви октомври 2009 година. Истовремено, таа во мандатот на првата ЕК под водство на Хозе Мануел Баросо од 2004 до 2009 година била потпретседателка, задолжена за дигиталната агенда.
Крус за два холандски весници, Trouw и Financieele Dagblad, призна дека „го прекршила кодексот на однесување на европските комесари“. Според тој кодекс, сите комесари на почетокот од мандатот се должни да ги напуштат управувачките функции во компании и да ги пријават сите должности, без разлика дали се платени или неплатени, коишто ги имале во последните десет години пред преземањето на комесарската должност.
Крус вели дека била директорка без извршни овластувања, а давала стратешки совети во компанијата, којашто сакала да купи делови од американската енергетска компанија „Enron“. Обидот за купување пропаднал во летото 2000 година.
Споменатите холандски весници ја пренесуваат и изјавата на Крус според којашто компанијата „Mint Holdings Ltd“ никогаш не била оперативна, и поради тоа не ја пријавила должноста во нејзината управа во нејзината пријава при преземањето на комесарската должност.
Британскиот весник The Guardian, пак, повикувајќи се на правните советници на Нели Крус, пишува дека таа се согласува со тоа дека „требала да ја пријави должноста којашто ја извршувала“. Весникот наведува дека таа ќе го извести претседателот на ЕК за „тој пропуст и ќе ја преземе целосната одговорност за тоа“. Се наведува, исто така, дека Крус мисли оти компанијата била ликвидирана во 2002 година и дека никогаш не примила никаква плата за својата должност.
„Комисијата мора да биде во состојба да верува во точноста и исцрпноста на информациите коишто ги даваат комесарите за себе“, рече Шинас.
Новата афера доаѓа во многу незгоден момент за ЕК, откако малку се стивна бурата поради именувањето на поранешниот претседател на Европската комисија, Хозе Мануел Баросо за советник на американската инвестициска банка „Goldman Sachs“, којашто своевремено ѝ помагала на Грција да ја прикрие вистинската состојба на своите финанси за да може и натаму да се задолжува, пред да дојде на работ од банкротирање и долготрајната економска криза.
Во случајот на Баросо не се прекршени правилата, бидејќи е именуван на новата должност 18 месеци по напуштањето на должноста претседател на ЕК, но многумина во Европа го сметаат неговиот потег контроверзен од етички аспект.
И самиот актуелен челник на ЕК, Жан-Клод Јункер, е под притисок откако во 2014 година беше откриена аферата LuxLeaks, којашто покажа дека Луксембург во периодот кога тој бил премиер им давал поволни даночни третмани на мултинационалните компании./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.