Европа
Барселона ја одобри резолуцијата за независност, Мадрид применува вонредни мерки
Парламентот на Каталонија ја одобри резолуцијата за независност на оваа шпанска автономна покраина, на што шпанскиот премиер Маријано Рахој одговори дека неговата влада ќе вложи жалба пред уставниот суд за да биде сигурна дека декларацијата за отцепување нема да повлече последици и ќе бара итан суспензија на оваа иницијатива.
Резолуцијата за којашто партиите коишто се залагаа за независност од сепаратистичката коалиција Junts pei Si” (Заедно за Да) на Каталонија велат дека ќе доведе до отцепување од Шпанија за најмногу 18 месеци, ја доби очекуваната поддршка во регионалниот парламент. За неа гласаа 72 пратеника, наспроти 63 пратеници на социјалистите, што го претставува соодносот од изборите на 27-ти септември, во кој апсолутно мнозинство од 47,8 отсто имаат сепаратистите.
Датумот на носењето на резолуцијата не беше избран случајно. Имено токму на 9-ти ноември 2014 година во Каталонија се одржа референдумот за суверенитетот на покраината, кој подоцна уставниот суд на Шпанија го оцени како неуставен.
Документот во кој се објавува „почетокот на процесот создавање независна држава Каталонија со републиканско уредување“, беше усогласен од страна на претставниците на сепаратистичките партии и движења на 27-ми октомври годинава.
Во резолуцијата се предвидува формирање различни владини структури, како и текст за новиот каталонски устав во рој од 18 месеци. „Каталонскиот парламент ќе ги усвои потребните мерки за да се започне оваа демократска постапка на опсежно, одржливо и мировно раздружување од шпанската држава“, се вели во резолуцијата.
Според текстот од документот, во рок од 30 дена од носењето започнува „разгледување на предлог закони, коишто се однесуваат на уставниот процес, социјалната заштита и јавното финансирање“. Покрај тоа, во текстот се истакнува дека процесот на стекнување независност „нема да биде потчинет на одлуките на шпанските судски истанци, вклучително и на Уставниот суд“, кој „ја загуби легитимноста“.
Веднаш по објавувањето на резултатите од гласањето во парламентот на Каталонија, шпанскиот конзервативен премиер Маријано Рахој издаде писмена изјава во којашто истакнува дека каталонската резолуција нема да има „никакви последици“. Покрај тоа, Рахој закажа за сред вонредно состанок на советот на министрите за ова прашање. „Ќе барам итна суспензија на таа иницијатива и сите нејзини последици“, рече Рахој./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.