Европа
Басурин: Над 200 деца загинаа во борбите во Донбас
Повеќе од двесте деца загинале за време на воените дејствија во одметнатиот украински рускојазичен регион Донбас, изјави во петокот за новинарите Едуард Басурин ткн заменик началник на штабот на милицијата на самопрогласената Народна Република Донецк (ДНР), откако во четвртокот во гранатирање на градот беше убиено едно девојченце.
Претходно во четвртокот на полигонот на територијата на ткн ДНР во текот на натпревар меѓу тенковски екипажи на местото одредено за публиката експлодирала непозната направа, при што загина деветгодишно девојченце, а нејзиното братче е тешко повредено и е во критична состојба во болницата во местото Шахтерск. Уште неколку лица се ранети притоа.
Басурин изјави дека станува збор за монструозен терористички напад изведен со подметната импровизирана експлозивна направа. Тој ги обвини за ова украинските специјални сили и ја повика меѓународната заедница да реагира на инцидентот.
„Украинските безбедносни сили ја напуштаат тактиката на директни гранатирања на населените места од артилерија и минофрлачи, создавајќи илузија дека се придржуваат до договорот од Минск, и минуваат во варварски акции, за што сведочи вчерашниот трагичен настан и смртта на девојченце. И тоа не е единствен случај. За време на целата таканаречена антитерористичка операција од рацете на џелатите загинаа повеќе од 200 деца“, рекол Басурин, кого го цитира агенцијата РИА.
Прозападните власти во Киев по соборувањето на претседателот Виктор Јанукович во февруари 2014 година и несогласувањето со источните региони во кој доминантно е руското и рускојазичното население кое се одметна поради тоа што новите власти поставија своите локални челници и го укинаа рускиот јазик како службен, во април истата година започнаа воена операција за враќање под контрола на двата региони Луганск и Донецк, познати под заеднички име како Донбас.
Според последните податоци на Обединетите нации, во овој вооружен конфликт загинеле речиси 7.900 луѓе. Напорите за решавање на судирот во Донбас започнаа на ниво на ткн-контактна група во Минск уште во септември минатата година, а во февруари годинава во белоруската престолнина челниците на Украина, Русија, Франција и Германија потпишаа договор со 12 точки кој би требало да го донесе мирот во Украина.
Досега двете завојувани страни меѓусебно се обвинуваа за прекршување на прекинот на огнот и непридржување до одредбите од мировниот договор. Но во последните неколку седмици општа е оцената дека почитувањето на примирјето во голема мера се почитува и драстично се намалени инцидентите./крај/мф/сн
Извор: РИА Новости
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германија уапси две лица: соработувале со Русите, планирале да ја саботираат армијата
Две лица, кои, освен германско, имаат и руско државјанство, се уапсени во Германија поради наводно планирање саботирање воени објекти, вклучително и американски, со цел да ја поткопаат воената поддршка за Украина, соопшти денеска германското Обвинителство. Властите извршија претрес во домовите и работните места на двајцата осомничени, кои се обвинети дека работеле за странска тајна служба, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Еден од осомничените, идентификуван како Дитер С., разговарал за можни заговори со лице поврзано со руската тајна служба од октомври 2023 година, се посочува во соопштението.
Дитер С. подготвувал бомбашки напади и палење во воени објекти, вклучително и оние со кои управуваат американските сили, се додава во соопштението.
Според магазинот „Шпигел“, еден од објектите е воената база „Графенвоер“, во јужната сојузна држава Баварија, каде што украинските војници се обучуваат да управуваат со американските тенкови „Абрамс“. Руската амбасада во Берлин не одговори веднаш на барањето за коментар.
„Намерата на акциите беше да се поткопа воената поддршка што Германија и ја дава на Украина против руската воена агресија“, се вели во соопштението на германските обвинители.
Европа
Фон Дер Лајен: На Европа не и се заканува војна, но треба да бидеме подготвени и да произведуваме оружје
Европа во моментов не се соочува со непосредна закана од војна, но мора да биде подготвена за тоа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Треба да бидеме подготвени и тоа започнува со итната потреба за зајакнување и трансформирање на вооружените сили на членките на блокот“, рече Фон дер Лајен на Европскиот самит за одбрана и безбедност.
Според неа, ЕУ мора да произведе оружје од новата генерација за да „победи на бојното поле“.
„Европа треба да се стреми да развие и произведе нова генерација на оперативни способности за да победи во битките и да обезбеди доволно материјално количество и технолошка супериорност што можеби ќе и треба во иднина, а тоа значи турбо полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години,“ изјави Фон дер Лајен.
Европа
(Видео) Русите го гранатираа Чернихив, загинаа најмалку 13 лица, Зеленски бара дополнителна помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка по рускиот ракетен напад врз северниот град Чернихив утринава, при што загинаа најмалку 13 лица.
„Ова немаше да дојде до ова доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот тероризам“, објави Зеленски на „Телеграм“.
Министерот за внатрешни работи, Ихор Клименко, во изјава за „Телеграм“ рече дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 се повредени и дека спасувачките операции се во тек.
Во нападот беа оштетени и четири катни згради, болница, образовна институција и десетици автомобили, додаде тој.
Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис „Суспилна“. Тој рече дека три проектили паднале во близина на центарот на градот и дека е оштетена цивилната инфраструктура.
Локалното население е повикано да дарува крв, изјави градоначалникот Олександр Ломако. Чернихив се наоѓа на речиси 150 километри северно од Киев, недалеку од границата со Русија. Кога руските сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, Чернихив беше нападнат, но не беше преземен.