Европа
Белгија подигна обвинение против уште еден осомничен, официјалниот број жртви 28
Белгиското правосудство подигна обвинение против второ осомничено лице кое е испитувано во Брисел во рамките на истрагата за нападот кој во четвртокот е спречен во Франција, објави во неделата сојузното обвинителство.
Уапсениот во петок Абдерман А. е обвинет во неделата за „учество во активности на терористичка група“, откако во саботата обвинителство објави обвинение против Рабах Н. Обвинителството на Белгија, се придржува до вообичаената практика, и не ги објавува целосните идентитети на обвинетите, па ниту на Абдреман А., кој при апсењето бил ранет во ногата во престрелка во центарот на Брисел.
Француските власти во четвртокот објавија дека истиот ден спречиле планиран напад кој бил во „напредна фаза“ и го уапсила 34-годишникот кого го идентификуваа како Френсез Ред Крикет, но не е познато дали тоа е вистински идентитет. По неговото апсење, полицијата во неговиот стан во предградие на Париз открила оружје и експлозиви. Тој минатата година веќе бил осуден во Белгија во отсуство во процесот против џихадистичката мрежа во која бил активен и Абделхамид Абаауд, кој е посочен како организаторот на атентатите во француската престолнина од ланскиот 13-ти ноември.
Белгиските власти во неделата, исто така, објавија дека во нападите од 22-ри март во Брисел се убиени 28 луѓе, а дека тројца загинати се бомбашите самоубијци.
„Потврдена е бројката од 28 жртви и тројца самоубијци“, изјави портпаролот на кризниот штаб во Брисел.
Од 28-те убиени, идентификувани се 24 лица, од кои 14 загинати на аеродромот Завантем и 10 на станицата Малбек во подземната железница, недалеку од седиштата на европските институции. Од 24-те идентификувани жртви, 13 се Белгијци, а 11 се странски државјани на осум земји.
Бројот на мртвите, истакна портпаролот, е привремен, бидејќи на одделите за интензивна нега во бриселските и околните болници се наоѓаат голем број тешко ранети кои се во критична состојба. Бројот на вкупно ранетите претходно беше 316./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.