Европа
Белгискиот регулатор за заштита на личните податоци го тужи Facebook
Белгискиот регулатор за заштита на личните податоци ќе подигне судска тужба против американската интернет компанија Facebook, тврдејќи дека нејзиното следење на членови и нечленови на нејзината истоимена социјална мрежа претставува кршење на белгиските и европските закони.
„Однесувањето на Facebook е неприфатливо“, изјавил за интернет порталот EUobserver, Вилем Дебукеларе, претседател на белгиската Комисија за заштита на приватноста. Ова е првпат некој европски регулатор за заштита на личните податоци да го тужи Facebook поради кршење на закон за приватноста, истакнува порталот.
Случајот се темели на истражувањето коешто го побарал регулаторот, а покажало дека Facebook го следи однесувањето на своите корисници и на другите интернет страници без нивна согласност, односно без барање дозвола за тоа, или преку „опт-аут“ механизмот.
„Како што истакна Работната група за членот 29 на Европската унија, која се занимава со заштитата на личните податоци и приватноста, ‘опт-аут’ механизам не е адекватен за добивање согласност од просечниот корисник, особено имајќи го предвид бихејворалниот маркетинг. Тоа значи дека сегашниот ‘опт-аут’ пристап на Facebook не ги задоволува условите за правно валидна согласност“, заклучиле истражувачите.
Се истакнува, исто така, дека Facebook го следи однесувањето на граѓаните кои не се негови корисници, со што се крши европската директива за електронска приватност. „Ги следат дури и луѓето, коишто јасно ќе изјават дека тоа не го сакаат“, вели Дебукеларе за весникот De Morgen.
Во мај годинава белгискиот регулатор ги презентираше своите сознанија и препораките до компанијата Facebook, чиешто седиште е регистрирано во Ирска. „Тие одговорија дека не ги прифаќаат белгиските закони, ниту надлежноста на белгиската Комисија за заштита на приватноста, како и дека станува збор за недоразбирање“, вели натаму Дебукеларе.
Портпаролката на Facebook одговорила во електронска порака дека компанијата не сака тоа јавно да го коментира. Во пораката се упатува на претходни соопштенија на Facebook дека „веќе подлежат на регулативата во Европа и ги почитуваат европските закони за заштитата на податоците“.
Овој случај ќе се најде пред судот во белгиската престолнина Брисел во четврток, на 18-ти јуни./крај/мф/сн
Извор: EUobserver
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.