Европа
BND утврдил фалсификати во истрагата и вина на бунтовниците за падот на MH17
Германската федерална разузнавачки служба BND забележала дека некои податоци обезбедени од украинската и од руската страна во врска со падот на авионот на летот MH17 на компанијата „Malaysia Airlines“ во јули крај Донецк биле фалсификувани, но вината за соборувањето на авионот ја лоцира кај проруските бунтовници чија ракета земја—воздух наводно била причина за падот на авионот при што загинаа 298 патници и членови на екипажот на летот од Амстердам до Куала Лумпур, пишува во неделата магазинот Spiegel повикувајќи се на извештајот на германското разузнавање.
Според весникот, началникот на BND, Герхард Шиндлер, на 8-ми октомври пред парламентарната надзорна комисија ги изложил своите заклучоци за падот на МН17 врз основа на фотографии, преписи на евиденции и различни сателитски снимки, пишува неделникот.Шиндлер тврдел дека според верзијата на германското разузнавање, одговорноста паѓа на проруските бунтовници во источна Украина кои според него од една тамошна база на украинската армија украле противавионски систем за проектили земја-воздух со среден дострел „Бук“, а ракета истрелана од тој систем експлодирала во близина на авионот по што се урнал на 17-ти јули на 60 километри од границата со Русија.Со тоа BND ја презема тезата на американската влада, којашто исто така ги обвинува проруските милиции од Донецк, кои наводно го урнале авионот со проектил од системот „Бук“ но „донесен од Русија и предаден на користење на сепаратистите“.Коментирајќи ја истрагата којашто ја воделе холандските истражители, којашто заврши на 9-ти септември со првиот извештај, но без утврдување на одговорноста за уривање на авионот, челникот на BND наводно ги обвинил и Украина и Русија дека ги фалсификуваат доказните материјали предадени на истрагата.„BND дојде до јасен заклучок. Украинските снимки биле фалсификувани, соопшти Шиндлер, што може да се утврди од деталите. Руските изјави, според кои ракетата била истрелана од украинските војски и дека украински ловец летал во близина на авионот, исто така, не соодветствуваат на вистината“, пишува германскиот неделник.Во текстот на Spiegel, меѓутоа, не се наведува за кои конкретни снимки или податоци станува збор. Руското министерство за одбран претходно соопшти дека сателитските снимки од областа во којашто се случи трагедијата на малезискиот авион, коишто наводно го побиваат присуството на украински систем „Бук“, се направени подоцна од руските снимки и не се украински./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Возачот на „Фликсбас“ осомничен за убиство од небрежност во Германија
Против возачот на автобусот кој вчера се преврте на германскиот автопат при што загинаа четири лица, а многумина беа повредени, се води истрага за убиство и нанесување телесни повреди од небрежност, соопштија од јавното обвинителство.
Портпаролот на канцеларијата не можеше да каже дали мажот (62) веќе бил сослушан.
Двокатниот европски превозник „Фликсбас“ со 54 лица, меѓу кои и двајца возачи, излетал од автопатот А9 во близина на Лајпциг во средата наутро и се превртел. Автобускиот оператор претходно пријавил дека во автобусот имало 55 лица. Полицијата соопшти дека загинале четири лица, а шест лица се тешко повредени, а 29 лица се полесно повредени.
Не се соопштени детали за здравствената состојба на повредените.
Инспекторите во моментов се фокусирани на утврдување на причините за несреќата. Сите повредени кои се наоѓаат во болница ќе бидат испрашани, доколку тоа им го дозволи здравствената состојба, изјави портпаролката на полицискиот штаб во Лајпциг како одговор на истрагата.
Ќе се нареди и извештај за анализа на автобуската несреќа, соопштија од јавното обвинителство. Првите резултати се очекуваат само за неколку недели.
Идентитетот на четворицата загинати се уште не беше утврден до четвртокот напладне.
„Се трудиме и се надеваме дека ќе можеме да дадеме информации за тоа во попладневните часови“, изјави портпаролката на полицијата.
Автобусот патувал од Берлин до Цирих.
Европа
(Аудио) Кралот Чарлс ја испрати првата јавна порака по дијагнозата на здравјето на Кејт
Порака од кралот Чарлс беше емитувана денеска по повод годишната служба на Величетврток.
Аудиообраќањето на Чарлс беше емитувано на собранието во катедралата „Ворчестер“ во негово отсуство поради тековното лекување на ракот на монархот.
Тој им порача на сите „да ја подадат раката на пријателството“.
„Актот на богослужба, овде во катедралата ‘Ворчестер’, ме потсетува на заклетвата што ја дадов на почетокот на моето крунисување да го следам примерот на Христос ‘да не ми служат, туку да служам’“, рече кралот.
„Тоа е она што секогаш се трудев да го правам и правам со целото мое срце“, додаде тој.
Кралот дојде на тронот пред 18 месеци, а на почетокот на годината му беше дијагностициран рак поради што беше подложен на хемотерапија.
Европа
Заменик-началникот на генералштабот: Британија може да се бори со Русија само 2 месеца
Британските вооружени сили мора да управуваат со оперативниот ризик, што произлегува од недостигот на ресурси што би сакале да ги имаат во идните војни, пишува „Телеграф“.
Информациите се појавија откако Грант Шапс, министерот за одбрана, им рече на пратениците дека лобирал кај премиерот, Риши Сунак, и министерот за економија и финансии, Џереми Хант, повеќе пари во буџетот да се потрошат за одбраната, но не успеал да обезбеди зголемување.
За време на сослушувањето пред пратениците во Комитетот за одбрана на долниот дом, висок офицер на кралските маринци рече: „Ние бевме многу јасни дека сумата што моментно ја трошиме за муниција не ги покрива трошоците во сите области и заканите со кои се соочуваме“.
„Бевме јасни дека треба да потрошиме повеќе пари над буџетот, на она што го нарекуваме интегрирани противвоздушни ракети“.
На прашањето на Марк Франсоа, поранешен министер за вооружени сили, дали е вистина оти Обединетото Кралство „не може да се бори со Владимир Путин повеќе од неколку месеци во целосна воена ситуација поради недостиог на резерви муниција и опрема, Шапс додаде дека секој таков конфликт ќе се води заедно со сојузниците од НАТО, кои заедно би можеле да ја совладаат Русија, наместо само Велика Британија.
„За луѓето што гледаат и слушаат дека Велика Британија не е подготвена за војна исклучиво со Русија, важно е да разберат дека сме во НАТО и постои меѓусојузнички одбранбен договор Член 5, така што никогаш не би биле во таква ситуација“.
Во еден извештај пратениците рекоа дека на вооружените сили им требаат повеќе средства за „учество во операции додека развиваат воена готовност“ или ќе мора да го намалат „оперативниот товар“ на војската.
Поранешните воени началници на комитетот му кажаа дека вооружените сили се ослабени од 2010 година и дека „во конфликт со еднаков противник тие ќе бидат исцрпени по првите неколку месеци од распоредувањето“.
Шапс исто така им рече на пратениците дека лекциите научени од војната во Украина ја покажале важноста на војната со беспилотни летала бидејќи е смртоносна и евтина.
„Ова во Украина е веројатно првата вистинска војна со беспилотни летала и мислам дека никогаш повторно нема да видиме војна која не вклучува тешка употреба на беспилотни летала“, рече тој.
Минатиот месец Обединетото Кралство објави дека, заедно со Латвија, ќе ја предводи новата коалиција за испорака на илјадници беспилотни летала „камикаѕе“ во Украина во услови на растечки недостиг на муниција на фронтот.
„Дроновите ги нарушуваат нормалните факти за војната. Обично секоја генерација станува поскапа за да има смртоносен ефект, но всушност беспилотните летала, кои понекогаш чинат неколку илјади фунти, може да бидат крајно смртоносни“, рече Шапс.
Сепак, тој предупреди дека „основното војување и муницијата“ остануваат важни во секој иден конфликт.