Европа
Борис Џонсон предупредува на „агенти за заплашување“ околу Брегзит
Лондонскиот градоначалник Борис Џонсон, кој му зададе силен удар на сопартиецот британскиот премиер Дејвид Камерон со приклонувањето на страната на силите кои го поттикнуваат излегувањето на Велика Британија од Европската унија (ткн Брегзит), предупреди во неделата на „срамни“ манипулации од страна на „агентите на проектот за заплашување“ коишто, според него, ги има меѓу приврзаниците земјата да остане во ЕУ.
Конзервативецот Борис Џонсон во соопштението го критикуваше привременото разрешување на Џон Лонгворт од должноста главен директор на Британската трговска комора (BCC) што, според него, организирано го воделе „агентите на проектот за заплашување“.
Лонгворт, како што пренесува Financial Times, е разрешен откако во четвртокот „во свое име“ се изјаснил за излегувањето на Велика Британија од Европската унија во текот на посетата на германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле на Лондон.
„Еве човек којшто по долго размислување и благодарејќи на богатото деловно искуство, дошол до заклучок дека би било подобро да се излезе“ од ЕУ, истакна Борис Џонсон кој се зазема британските гласачи на референдумот на 23-ти јуни да се изјаснат Велика Британија да го напушти сојузот на 28-те европски земји.
„Неговата осуда е одраз на стварноста (…) срамно е што мораше да се повлече“, истакнува Џонсон чиешто преминување во таборот на евроскептиците ги разгори старите поделби во врска со Европа во владејачката Конзервативна партија.
Службите на премиерот Дејвид Камерон, којшто, пак, е наклонет на останувањето на земјата во ЕУ, објавија дека Даунинг стрит не ја притискал Британската трговска комора, Лонгворт привремено да замине од должноста.
И Џонсон во неделата на јавниот сервис BBC ја отфрли таа претпоставка во неговото прво големо телевизиско интервју откако им се приклучи на приврзаниците на Бергзит-от. Во него повеќепати ги обвини еурофилите дека намерно го предимензионираат економскиот ризик од излегувањето на Велика Британија од ЕУ.
Покрај тоа, Брегзит-от го спореди со бегство „од затвор во кој чуварот случајно ја оставил отворена вратата“. „Затворениците можат во далечината да ги видат сончевите предели, но се плашат од опасноста којашто ги чека надвор. А тоа, всушност, би било одлично и голем товар би паднал од грбот на нашите компании“, вели Џонсон.
Лондонскиот градоначалник, кој не сакаше да зборува за личности, изјави дека доколку победи таборот на кој му се приклучи „сигурно“ не сака да го замени Камерон на премиерската должност.
„Колку што знам, ниеден претседател на европска држава (или на влада) не дал оставка по референдум во последните дваесетина години. Сето тоа се глупости. Важно е тоа што денеска ја имаме златната шанса да го отфрлиме целосно недемократскиот регулаторен и законски товар“, истакна Џонсон./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.