Европа
Британски медиуми: Се намалува јазот меѓу шкотските унионисти и сепаратисти
Шкотска на 18-ти септември ќе одлучува дали ќе се одвои, или пак ќе остане во Велика Британија, а според британските медиуми, разликата меѓу двата табора се намалува.
Прашањето на гласачкото ливче ќе биде едноставно: „Дали Шкотска треба да биде независна земја?“. Право на глас на референдумот ќе имаат сите што се постари од 16 години, кои живеат во Шкотска, но не и 800 илјади Шкотланѓани кои живеат во другите делови на Велика Британија, пренесува BBC.
Според анкетата на Times, спроведена минатата недела, 57 проценти од гласачите ќе се определат за останување во Велика Британија, додека 43 отсто ќе гласаат за одвојување.
Британските медиуми напоменуваат дека разликата меѓу двата табора изминатите недели се намалила, и дека овој тренд би можел да продолжи, особено по последната дебата меѓу сепаратистичкиот шкотски премиер Алекс Салмонд и лидерот на кампањата „Заедно е подобро“, Алистер Дарлинг.
Поборникот за одвојување на Шкотска од Велика Британија, Алекс Салмонд убедливо го победил Алистер Дарлинг во втората јавна дебата за референдумот за независност, закажан за 18-ти септември, но таквиот став на гледачите не значи дека повеќето Шкотланѓани ќе гласаат „За“, оценува лондонски Guardian.
Непосредно пред дебатата, Guardian оценил дека само драматични промена во мислењата, поради втората рунда од дебатата меѓу Салмонд и Дарлинг би можела да го промени впечатокот дека кампањата се движи кон предвидливиот резултат од референдумот, а тоа е победа на унионистите.
Меѓутоа експертите не се уверени дека оваа победа ќе биде доволна за да се намали разликата од 14 процентуални поени, односно за водството на таборот кој се противи на независноста.
Меѓународната заедница внимателно го следи развојот на настаните, а некои лидери отворено изразиле противење за независноста на Шкотска.
Американскиот претседател Барак Обама се заложил за „силна и обединета“ Британија, а шпанскиот премиер Маријано Рахој, во чија земја провинцијата Каталонија бара независност, предупредил дека независна Шкотска нема автоматски да стане дел од ЕУ.
Доколку Шкотланѓаните на 18-ти септември се определат за независност, Салмонд веќе најавил дека Шкотска формално би прогласила независност на 16 март 2016 година, а во мај би биле одржани и парламентарни избори./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.