Европа
Бројот заболени од листериоза во Данска се зголеми на 24
Во Данска расте бројот на заразените со листериоза (листерија), заразна заболување коишто влијае врз нервниот систем и лимфните јазли, и притоа се регистрирани се уште четири нови случаи, кои се заразиле преку употреба на месни производи, соопшти во понеделникот Државниот институт за вакцини според кој бројот на заболените сега изнесува 24.
Во моментов, како што се соопштува, на медицинско набљудување се подвргнати уште неколку пациенти кај коишто е дијагностицирана листериоза, за да се утврди дали овие случаи се поврзани со тековната епидемија.
Минатиот понеделник министерството за храна, земјоделие и рибарство на Данска објави дека по единаесет месеци конечно е утврдено дека причината на заразата е популарниот засолен месен нарезок „Rullepolse“ што на дански би значело „ролован колбас“, а која го произведува еден производител во близина на главниот град Копенхаген.
Од септември 2013 година во Данска се регистрирани 24 заболени од ова болест, од кои 15 случаи се регистрирани од јуни годинава. Починале вкупно 12 луѓе, првиот на 13-ти септември лани, а последниот на 9-ти август годинава. Данските санитарни власти ја покренаа истрагата дури на 26-ти јуни годинава и биле потребни повеќе од триесет дена да се утврди изворот на заразата, а тоа е компанијата „Jorn A. Rullepolser A/S“ од Хадехусен, 30 километри западно од Копенхаген.
И покрај тоа што погоните на компанијата се затворени, а нејзините производи се повлечени од пазарот, се очекува дека во следните неколку седмици ќе бидат пријавени нови случаи на листерија, бидејќи првите симптоми се јавуваат по неколку недели по консумирањето на заразена храна, се наведува во соопштението на данскиот Државен институт за вакцини. Се додава дека од пазарот се повлечени околу 30 различни производи на споменатата компанија.
Данската агенција за ветерина и храна објави извештај во кој се наведува дека санитарните власти не реагирале доволно брзо по првите знаци на епидемијата. Министерот за храма, земјоделие и рибарство, Дан Јоргенсен, во неделата упати критики за „сериозните грешки“ во работата на службите./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.