Европа
Бројот жртви од нападот во Ница, надмина 80, во камионот најден цел арсенал
Бројот на жртвите од терористичкиот напад во Ница надмина 80, додека неколку десетици се наоѓаа во критична состојба, објави ноќта кон петокот радиодифузниот сервис RTBF, повикувајќи се на болнички извори.
„Според прелиминарните податоци, бројот на загинатите надмина 80 луѓе, повеќе од 100 се повредени“, се наведува во извештајот
Околу четириесет од повредените се наоѓаат во критична состојба, пишува локалниот весник Nice Matin. Весникот ја објави фотографијата од белиот камион чија шофершајбна е изрешетана од куршуми.
Засега нема податоци за националноста на жртвите, освен што руското министерство за надворешни работи соопшти дека во Ница загинале еден руски државјанин а уште еден е ранет.
Според претходните извештаи возачот на камион околу 22.30 часот, во должина од два километри се забил во толпата луѓе кои на познатото Англиско шеталиште во централното подрачје на Ница во четвртокот вечерта се собрала да го следи традиционалниот огномет по повод националниот празник Денот на падот на Бастилја – 14-ти јули.
Дејството на возачот на камионот кој влетал во масата во Ница било со намера, изјави првиот човек на регионот Прованса-Алпи-Азурен Брег, Кристијан Естрози, додавајќи дека во камион биле најдени оружје и гранати.
Естрози, исто така, за медиумите изјави дека „според сведочењето на луѓето и полицијата“, возачот пукал во луѓето.
Според очевидец, возачот на камионот воопшто не запирал, возел цик-цак, ги газел луѓето речиси два километра по кејот, а исто така отворил и оган. Според друг сведок, возачот намерно го возел камионот така за да може да прегази што повеќе луѓе.
„Тоа е очигледно, сосема очигледно. Прво мислевме дека на возачот му се слошило, но набрзо стана јасно, дека не е така. Тој сакаше да убие што е можно повеќе луѓе“, изјави очевидец за телевизиите.
Заменикот префект на департманот, Себастијан Умбер соопшти дека возачот е ликвидиран во престрелка со полицијата. Засега информациите зборуваат дека станува збор за еден напаѓач, иако првично очевидци сметаа дека нападот го извршила група.
Истрагата за нападот во Ница му е предадена на антитерористичкото обвинителство, соопшти информативната телевизија BFMTV.
По нападот кој се одигра по 22.30 часот по локално време, францускиот претседател Франсоа Оланд., кој за време на нападот беше во приватна посета на Авињон, се врати околу 1,30 часот во Париз и се упати во министерството за внатрешни работи каде што е сместен Кризниот штаб./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.