Европа
Челниците на Шкотска, Северна Ирска и Велс разговараа со Меј за Брекзит
Челниците на Шкотска, Северна Ирска и Велс се состанаа во понеделникот со британската премиерка Тереза Меј за да разгледаат каква улога ќе имаат овие три членки на Обединетото Кралство во постапката на излегувањето на Велика Британија од Европската унија, што е проблем кој може да предизвика уставна криза.
Британската премиерка Тереза Меј предлага формирање комисија за трите влади, кои имаат различни степени автономија од Лондон, да добијат формално тело преку коешто би ги изнесувале своите ставови за тоа како би требало да функционира идниот однос на Велика Британија со Европската унија. На чело на новата комисија би бил министерот за „Брекзит“, Дејвид Дејвис, а вклучувало би ги претставниците и на овие три членки на Кралство.
„Земјата е соочена со преговорите од огромна важност и императив е администрациите да ги одиграат своите улоги во тоа“, изјави Меј во писмената изјава што ја објави нејзиниот кабинет пред состанокот.
Во опасност, со одлуката на британските избирачи на референдумот од 23-ти јуни земјата да истапи од ЕУ, е доведена тристогодишната унија меѓу Англија, каде што мнозинството избирачи се одлучија за излегување од Унијата, и Шкотска каде што е изгласано останувањето.
Шкотската премиерка Никола Старџен изјави во понеделникот дека ќе бара да има влијание врз телото коешто ќе ги носи одлуките, како и дека сака секој од четворицата партнери во Обединетото Кралство да гласаа според предложениот преговарачки пакет. Страрџен додаде дека нејзината влада е подготвена за сите варијанти, вклучително и независност од Обединетото Кралство, откако Британија ќе излеза од ЕУ.
Во Северна Ирска, којашто исто така гласаше за останување во ЕУ, постои стравувањето дека Брегзитот би можел да го поткопа мировниот договор од 1998 година и повторно да воведе цврста граница со Република Ирска.
Експертите предупредуваат на избувнување уставна криза во Велика Британија, доколку премиерката Терезам Меј не ја земе предвид позицијата на секој од четирите региони на Обединетото Кралство кога ќе се водата преговорите за излегувањето. Портпаролката на премиерката Меј изјави во понеделникот дека на Обединетото Кралство му е потребна единствена позиција со којашто ќе влезе во преговорите за напуштањето на ЕУ./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.