Европа
Чешкиот претседател попушти пред притисокот, нема да присуствува на парадата во Москва
Чешкиот претседател Милош Земан ќе отпатува во Москва на прославата на 70-годишнината од победата над фашизмот, но нема да присуствува на традиционалната воена парада, објави во петокот неговиот портпарол Јиржи Овчачек, што се толкува како попуштање пред притисоците од западните партнери и домашните политичари по најавите на Земан дека ќе се појави на парадата и покрај сугестиите да не патува во руската престолнина.
Чешкиот претседател Милош Земан, во последниот период познат по предизвикувањето на трпението кај западните партнери поради неговите различни ставови во однос на кризата во Украина, кои често се совпаѓаат со руските, минатата недела жестоко го нападна амбасадорот на САД во Прага, Ендрју Шапиро, и го прогласи за непожелен во неговиот кабинет, бидејќи ја критикуваше неговата објава дека на 9-ти мај ќе присуствува на прославата на 70-годишнината на победата над нацистичка Германија во Втората светска војна во Москва, што ќе ја бојкотираат западните челници.
„Периодот во кој трае воената парада, претседателот (на Чешка, Милош Земан) ќе го искористи за билатерални разговори со словачкиот премиер Роберт Фицо“, изјавил портпаролот Овчачек, пренесуваат чешките медиуми.
Од службата за односи на јавноста на премиерот на Словачка, пак, на барање на руската новинска агенција РИА одговориле дека уште не можат да потврдат дека Роберт Фицо ја прифатил поканата да присуствува на прославата во Москва.
„Денешната одлука за тоа Земан да не биде во публиката на парадата на Црвениот плоштад, нема никаква поврзаност со критиките кои се јавија последните денови“, тврди портпаролот на претседателот на Чешка.
Најавениот пат на Земан во Москва на 9-ти мај и во самата Чешка предизвика критики. Дел од опозицијата и од владејачките социјалдемократи од CSSD, вклучително и министерот за надворешни работи Лубомир Заоралек ја критикуваа намерата на шефот на државата да присуствува на воената парада во руската престолнина. Причините за овие критики се нападите на Западот врз Русија за нејзината наводна улога во украинската криза, мислење што не го споделува Земан, кој честопати умее да ги критикува прозападните власти во Киев како и европските санкции за Москва.
По повод одлуката на претседателот Земан да отпатува во Москва, до доцна во ноќта кон четвртокот дебатираше на седница и чешката влада, но барем за јавноста не беа соопштени никакви заклучоци од неа.
Критичарите сметаат дека Земан ќе биде единствениот висок претставник на ЕУ на свеченоста во Москва. Тој, пак, на критиките одговори дека сака да потсети на 150-те илјади советски војници кои загинале во текот на ослободувањето на тогашна Чехословачка од нацистите. Покрај тоа, патувањето во Москва е „израз на благодарност“, за тоа што денеска во Чешка не зборуваме германски повтори и во ова интервју Земан./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.