Европа
Ципрас бара од Меркел да ги забрза разговорите за долгот
Грчкиот премиер Алексис Ципрас побара во четвртокот од германската канцеларка Ангела Меркел да го забрза преговорите околу новата програма за финансиска помош на Грција, во обидот да пронајде 7,2 милијарди евра коишто неодложно ѝ се потребни на земјата.
Според извори од грчката влада на коишто се повикува германската агенција DPA, премиерот Алексис Ципрас на маргините од самите на Европската унија за миграциите во Брисел побарал од германската канцеларка Ангела Меркел да го забрза процесот за постигнување договор за грчкиот долг за кој во февруари се договорија меѓународните доверители и Атина. Средбата меѓу двата политичара, прва по посетата на Ципрас на Берлин во март, се одвивала во „позитивна и конструктивна атмосфера“, рекол грчкиот извор.
„Премиерот побарал забрзување на процедурата за да (…) се спроведе одлуката којашто предвидува прва привремена спогодба до крајот на април“, рекол друг грчки извор за Reuters.
Германската страна директно не го коментирала ова барање, но Берлин е решителен во настојувањата во барањата од Атина да ги почитува обврските којашто ги презема претходната конзервативна грчка влада, а се однесуваат на реформата на пазарот на трудот, пензискиот систем, данокот на промет и приватизацијата во замена за меѓународната помош за спасување на грчката економија.
Агенцијата Reuters ги наведува зборовите на европски функционери кои тврдат дека Меркел ќе испрати порака со којашто бара останување на Грција во еврозоната и избегнување на катастрофата, но дека владата на Ципрас за таа цел би морала во техничките преговори да понуди подетални мерки со коишто има намера да осигури одржливост на јавните финансии.
„Германците на највисоко ниво сакаат да ја задржат Грција во еврозоната и да се изнајде решение, но времето лета и би можело да стане драматично пред Ципрас да постигне договор“, изјавил неименуван висок функционер во ЕУ.
Атина настојува да состави список од реформи и мерки за намалување на трошоците во замена за нужно потребната помош, при што се јасни роковите за отплаќање на кредитите. Министрите за финансии на земјите членки на еврозоната во петок во Рига ќе го разгледаат напредокот во овие преговори.
Грција во следните седмици треба да го исплати обврските на имателите на нејзините обврзници и другите доверители, вклучително и околу 950 милиони евра во почетокот на мај на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и 1,7 милијарди евра за плати и пензии во јавниот сектор, проценуваат грчките медиуми.
Додека Атина инсистира на брз политички договор, Меркел мисли дека тамошната влада во прв ред треба да го исполни барањата на Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, кои се главните странски кредитори на Грција.
Потпретседателот на Европската комисија, Валдис Домбровскис изјави во Берлин дека расте дилемата во врска со ситуацијата во Грција и предупреди дека, доколку се случи нова финансиска нестабилност, Грција ниту оваа година нема да оствари економски раст. Домбровскис смета дека договор нема да биде постигнат до крајот на април, но според него преговорите може да се водат и по истекувањето на рокот зададен за крајот од месецов. Тој очекува дека договорот може да биде постигнат во мај./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.