Европа
Депардје: Франција? Тоа е Дизниленд во кој живеат имбецили
Славниот француски актер Жерар Депардје, кој ја напушти татковината откако социјалистичката влада на претседателот Франсоа Оланд наметна зголемени даноци за богатите компании и поединци, повеќепати во минатото изјави дека повеќе не се смета за Французин, а во разговорот за италијанскиот дневен весник Corriere della Sera вели дека оваа земја се претворила во „Дизниленд за странци“.
Разговорот воден по повод излегувањето во Италија на неговата нова книга под наслов „Innocent“, Жерар Депардје „тешкото дете“ на француската кинематографија го започнува со фалење и набројување голем број доблести коишто ги поседува рускиот претседател Владимир Путин, кој во 2013 година му го одобри барањето за руско државјанство.
На новинарското прашање дали сé уште се чувствува како Французин, актерот одговара „Не, јас сум државјанин на светот. Франција е во опасност да стане обичен Дизниленд за странците, земја населена со имбецили кои прават вино и смрдливо сирење за туристите. Таму повеќе нема слобода, се манипулира со луѓето“.
Депардје нема убави зборови ниту за кинематографијата, ниту за светот на филмот. „Филмот и филмскиот свет повеќе не постојат. Денес можеме да говориме за светот на трошењето време и луѓето коишто ги малтретираат Американците и коишто повеќе ниту самите знаат со кој јазик зборуваат. Има десет филмски ѕвезди и сите се американски. Нивните филмови пренатрупани со специјални ефекти се обично играње, а остатокот од филмскиот свет тешко егзистира“, смета актерот.
Сепак, за Италија нема навредливи коментари и критики, „Вие во Италија, за среќа, не ја загубивте својата култура и идентитетот …, бидејќи сте млада земја, родена со Гарибалди, за разлика од половината Европа која, стравувајќи од мигрантите, стана малку и фашистички настроена“, смета Депардје./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.