Европа
Десничарскиот терорист Брејвик ќе студира политикологија
Норвешкиот десничарски екстремист и масовен убиец Андерс Брејвик се појави во петокот на универзитетот во главниот град Осло каде што ќе студира од затворската ќелија политички науки, и покрај жестоките протести на јавноста згрозена од неговото убиство на 77 луѓе, соопшти норвешкиот универзитет.
Претходно норвешките медиуми пишуваа дека кон средината на јуни Андерс Вехринг Брејвик поднел документи за упис на студии. Како што пренесува Associated Press повикувајќи се на администрацијата на Универзитетот Осло, радикалот своето образование ќе го стекнува во затворската ќелија.
Ректорот на универзитетот Оле Петер Оттерсен, изјави во петокот дека „сите затвореници од норвешките затвори можат да добијат високо образование во Норвешка, доколку нивниот степен на образование ги исполнува барањето на приемната комисија“.
„Тој ги исполни сите услови. Се придржуваме до нашите правила и ќе го примиме“, изјави ректорот Оттерсен, додавајќи дека затворениците може да студираат сé додека постигнуваат задоволителни резултати.
Две годни претходно, на Брејвик не му беше дозволен уписот, откако приемната комисија не го прифати неговото ниво на средно образование, потсетува агенцијата.
Многу луѓе биле запрепастени кога Брејвик, радикалниот антиисламист кој не покажа покајување за злосторството, се појавил на тригодишните студии од политички науки. Некои од студентите го преживеале неговиот напад, а на некои во атентатите им страдале колеги или членови на нивните семејства.
„Разбирам дека тоа е многу чувствително прашање. Тој се обиде да го разбие системот, а ние мораме да се придржуваме до него“, изјави за Reuters Оттерсен.
Меѓу предметите кои ќе ги студира Брејвик се демократија, човекови права и почитување на правата на малцинствата.
Според условите за издржување на казната, Брејвик е сместен во самица и нема може да присуствува на предавањата и на семинарите. Нема да биде во директен контакт со професорите и сите трудови ќе ги испраќа преку затворскиот персонал. Ќе може да користи книги, но нема да има пристап до интернет.
Сега 36-годишниот Андрес Брејвик на 22-ри јули 2011 година постави бомби во центарот на Осло пред владиниот комплекс во чии експлозии загинаа осум луѓе и беа уништени владини згради. Потоа замина на блискиот остров Утоја на кој се одржуваше летен камп на подмладокот на Лабуристичката партија која ја обвинува за попустливост кон имигрантите особено кон оние од исламските земји и со тоа за менување на демографската структура на Норвешка, и таму уби уште 69 претежно млади луѓе.
Бидејќи дотогаш норвешкиот законик не предвидуваше казни за тероризам, Брејквик е осуден по дополнителни законски преправки на 21 година затвор, што може да биде продолжено на неопределено време.
Во Осло следната седмица ќе биде отворен меморијален центар „July 22 Centre“ со информации и постојана поставка во врска со нападите. Некои од преживеаните и семејствата на настраданите, пак, стравуваат дека центарот може да стане всушност споменик на Брејвик./крај/мф/сн”
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.