Европа
ДНК тестот ја потврди автентичноста на останките на рускиот цар Николај II и царицата Александра
Руските научници објавија во средата дека ДНК тестот, спроведен на барање на Руската православна држава, ги потврдил автентичноста на ексхумираните останки на Николај Втори, последниот руски цар и неговата сопруга Александра.
Наодот на руските научниците ќе овозможи целото семејство Романови, кои во 1918 година биле погубени од болшевиците, конечно да биде погребана на истото место, во соборниот храм во Санкт Петербург.
Руската православна црква во 2000 година го канонизираше царското семејство, но д од посебната форензичка комисија побара дополнителни докази дека навистина збор за останките на царот и царицата, како и на Алексеј и Марија, двете од петте царски деца, чиишто останки беа пронајдени дополнително.
Форензичарите поради тоа во септември годинава ги ексхумираа останките на Николај и Александра и земаа примероци од ДНК кои претходно не беа анализирани. Земените примероци одговарале на претходните откритија и ја потврдија автентичноста, објави во средата комисијата на рускиот Истражен комитет.
„Тие примероци покажале хетероплазма – ретка генетска мутација којашто се покажа и во претходните примероци од останките на Николај Втори“, соопшти комисијата. Во изјавата се додава дека ќе бидат спроведени уште некои тестови за да се изведе „високо веродостоен заклучок“. Во октомври комисијата најави дека во рамките на истата истрага ќе бидат ексхумирани и останките на царот Александар Трети, таткото на Николај Втори.
Покрената во 1993 година, истрагата за убиството на царското семејство беше заклучена во 2009 година, бидејќи немало значаен напредок, но судот ја поништи таа одлука во 2010 година. Руската православна црква, која веќе долг период изразува сомневање во автентичноста на споменатите посмртни останки, побара во јули годинава повторно отворање на истрагата.
Работната група претходно во септември годианва дададе предлог за спроведување дополнителна идентификациска истрага на објектите, коишто претходно не ѝ биле достапни на истрагата, односно останките на сестрата на императорката Александра Федоровна Романова, големата кнегиња Елисавета Фјодоровна, кои се во Ерусалим, како и примероците од крвта на дедото на царот Николај Втори, императорот Александар Втори, кој е убиен за време на терористички чин во1881 година, која се наоѓа на неговата униформа.
Покрај тоа, истрагата треба да проучува и архивски материјали откриени по 2011 година поврзани со ткн „белогардејската“ истрага, која се водела меѓу 1918 и 1924 година, како и со судбината на материјалните докази во врска со ова убиство.
Истрагата за околностите на смртта на членовите на царското семејство Романови и членовите на нивната придружба беше иницирана во 1993 година откако беше откриена масовна гробница во близината на Екатеринбург, во областа Ганина јама. Во текот на идентификацијата на останките истрагата утврдила дека тие припаѓаат на стреланите во моќта на 17-ти јули 1918 година, царот Николај Втори, неговата сопруга Александра Фјодоровна Романова, нивните деца големите кнегињи Олга, Татјана и Анастасија Романови, како и на лица од нивната придружба, како лекарот Евгениј Боткин, помошничката Ана Демоидова, готвачот Иван Харитонов и лакејот Алексеј Труп.
Во 1998 година истрагата беше прекината поради смртта на наводните сторители на убиството.
На 29-ти јули 2007 година во текот на археолошки ископувања во рамките на трагањето по останките на принцот Алексеј и големата кнегиња Марија Николаевна Романова, малку појужно од местото на кое се откриени останките на Романови и нивната придружба, биле откриени фрагменти од коски и аби од две лица, жена и момче, со знаци дека биле изложени на висока температура.
Оттаму, за утврдувањето на дополнителните околности за смртта и погребувањето на царското семејство повторно беше отворена прелиминарна истрага. Притоа стручњаците утврдија дека останките од гробницата им припаѓаат на децата на царот и затоа повторно беше донесена одлука за затворање на истрагата./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Голем руски напад врз Украина, Полска ги подигна борбените авиони
Руските сили рано утринава ја напаѓаа инфраструктурата во областа Камјанск во близина на украинскиот град Днипро, при што е повредено најмалку едно лице, изјави регионалниот гувернер, додека медиумите во Суспилна објавија дека има експлозии и во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки.
„Непријателот ја нападна критичната инфраструктура во регионот. Главна цел на непријателот е нашиот народ и виталните места за населението“, напиша на Телеграм гувернерот на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак.
Лисак не објасни за каков напад станува збор, но коментаторите на Телеграм известија за употребените проектили и експлозиите во областа. Исто така, наводно имало и прекин во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите од областа. Украинските медиуми јавуваат дека експлозии се слушнале и во Лавов, град на крајниот запад на Украина.
Медиумската куќа Суспилна објави за руски крстосувачки ракети во украинскиот воздушен простор и експлозии во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки и градот Днипро, додавајќи дека не е познато дали проектилите погодиле некоја цел.
Руските сили извршија големи напади врз објектите на енергетската инфраструктура во последните неколку недели, вклучувајќи го и масовниот напад на 22 март, кој Киев го опиша како најголем таков напад од инвазијата на московските сили во февруари 2022 година.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полските и сојузничките авиони биле активирани рано утринава откако Русија извршила ракетни напади врз Украина.
„Полските и сојузничките авиони летаат во полскиот воздушен простор, што може да резултира со зголемени нивоа на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, објави командата на социјалната платформа „Икс“.
Југоисточниот дел на Полска се граничи со Украина, додаде Ројтерс.
Европа
Автобус повторно се преврте на автопат во Германија, патниците биле средношколци
Автобус со околу 60 патници се преврте вчера на автопатот А44 во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија, јавува дпа. Во сообраќајката се повредени над 20 лица, извести полицијата синоќа.
Да потсетиме, ден претходно слична несреќа се случи во Германија кога автобус на „Фликсбас“ се преврте на автопатот во близина на градот Лајпциг на истокот од земјата. Во таа несреќа загинаа четири лица, а над 20 се повредени.
Автобусот излетал од патот и се превртел на страна во близина на градот Верл, 100 километри источно од Дизелдорф. Целосно е затворен делот од 20 километри од автопатот А44 од излезот Уна Ост до Верл во правец на Касел. На местото на несреќата пристигнале полицајци, пожарникари и спасувачки хеликоптер.
Полицијата првично соопшти дека 21 лице е полесно повредено, а едно е тешко. Подоцна, тие ја ревидираат бројката на 20 полесно повредени и еден тешко повреден. Портпаролот на полицијата изјави дека автобусот превезувал ученици од стручно училиште во Варбург кои се враќале од патување во Англија.
Се уште не е јасна причината за несреќата. Полицијата соопшти дека никој не е во животна опасност и дека во несреќата не учествувале други возила. Несреќата се случи само еден ден откако четири лица загинаа во автобуска несреќа во близина на Лајпциг во источна Германија.
Европа
Украина се обидува да ја убеди Индија да застане на страната на Киев, а не на Москва
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја повика Индија да застане со Киев, велејќи дека блиските врски на Индија со Русија се засноваат на избледеното советско наследство, објави денеска Фајненшл тајмс.
Кулеба вчера пристигна во Њу Делхи со цел да ги зајакне врските со Индија, како и да ја промовира визијата на Киев за пат кон мирот во Украина.
Според Ројтерс, Индија традиционално има блиски економски и одбранбени врски со Москва и се воздржува да ја критикува Русија поради нејзината инвазија на Украина. Згора на тоа, купувањето на руска нафта од Индија е на рекордно ниво во последно време.
Кулеба рече дека Индија има многу да добие од проширувањето на трговските и технолошките врски со Украина, поставувајќи го прашањето за улогата на индиските компании во повоената обнова на Украина.
Украина сака да ја „врати трговијата“ со Индија, во форма на извоз на земјоделски производи како што е сончогледовото масло, а самата сака да купи повеќе индиски стоки. „Ние сме заинтересирани да увеземе дел од тешката машинерија што ја произведува Индија“, рече Кулеба.
Украина се надева дека во наредните месеци ќе одржи самит на светските лидери без учество на Русија, со цел да го промовира и зајакне својот план за мир, кој меѓу другото повикува на повлекување на руските трупи од нејзината територија.
Русија ја отфрли таа украинска дипломатска иницијатива.