Европа
Донецк и Луганск ги одложија спорните избори
Властите на одметнатите рускојазични самопрогласени Донецка и Лугнска народна република во источна Украина објавија во вторникот дека го одложуваат одржувањето на спорните локални избори од 18-ти октомври за недореден датум следната година, што украинскиот претседател Петро Порошенко го оцени како „отворање на патот на Украина во Донбас“.
Претставниците на двете власти во заедничко соопштение притоа истакнуваат дека се подготвени да разговараат со сите учесници на преговорите од Минск за усогласување на предлогот за специјален закон за изборите во Донецк и Луганск, чиишто региони според минските договори добиваат специјален автономен статус во рамките на Украина.
„Доколку за време на гласањето во Врховната рада (украинскиот парламент – з.м.) или на друг начин биде изменете текстот од договорот, ќе сметаме тоа за грубо и неприфатливо кршење на пакетот мерки“ за постигнување траен мир во Украина, се наведува во соопштението.
Претходно во понеделникот шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека сигналите за одложување на изборите во Луганск и Донецк, на што жестоко се противеа властите во Киев заканувајќи се со паѓање на договорот од Минск, „веќе се добиени“ во Москва.
Украинскиот претседател Петро Порошенко смета дека одложувањето на изборите во Донецк и Луганск го отвора патот за враќање на Украина во Донбас со помош на изборите кои ќе се одржат според украинските закони.
„Директните последици од координираните активности на Украина со нашите партнери на преговорите во Њујорк и во Париз, нелегалните избори коишто се закануваа за обновување на воените дејствија и ликвидирање на договорите од Минск е нивното откажување. Ова го отвора патот за враќање на Украина во Донбас, преку изборите според украинското законодавство, врз основа на стандардите на ОБСЕ и, се разбира, без окупациски војски“, напиша Порошенко на својот официјален профил на Facebook.
Официјална Москва, преку портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков ја поздрави одлуката на властите во Донецк и Луганск да ги одложат изборите, а тоа го стори и францускиот претседател Франсоа Оланд, како еден од потписниците на мировниот договор потпишан во февруари годинава во белоруската престолнина Минск, покрај Порошенко, германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот претседател Владимир Путин.
„Споменатата одлука е резултат на преговорите во Нормандискиот формат (споменатите челници на четирите земји –з.м.) кој се одржа во понеделникот во Елисејската палата… Тоа овозможува да се продолжи со спроведувањето на Минскиот договор, кој е единствениот начин за мирно решавање на ситуацијата“, се вели во писмената изјава на Оланд.
Со изрази на задоволство од одложувањето на изборите во одметнатите рускојазични украински региони се огласи и Европската унија, преку изјавата на шефицата на дипломатијата Федерика Могерини според којашто „се создава можноста да се подготват потребните услови за спроведување на локалните избори во некои региони од Донецк и Луганск во согласност со украинското законодавство и според стандардите и под надзор на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР“.
Од кабинетот на Могерини беше истакнато дека „неопходната имплементација ќе биде основниот чекор на патот кон целосното имплементирање на договорот од Минск“.
„Вклучително со неодамнешниот договор за повлекување на оружјето со мал калибар, оваа изјава дава нова надеж за постигнување одржливо политичко решение на конфликтот“, изјави шефицата на дипломатијата на ЕУ./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.