Европа
Досега нема уапсени, ниту пак пронајдени експлозиви во полициската акција во Хановер
Германските официјални претставници соопштиле дека полицијата не пронашла никаков експлозив, ниту пак уапсила некого во акцијата која беше спроведена во вторникот вечерта во Хановер, по заканите за можен бомбашки напад, пренесуваат светските медиуми.
Драмата во германскиот град настана пред почетокот на фудбалскиот пријателски натпревар помеѓу Германија и Холандија, која потоа беше откажана.
„Досега никој не е уапсен. Што се однесува до прашањето дали е пронајден експлозив, можам да ви кажам дека досега нема такво нешто“, изјавил министерот за внатрешни работи на Долна Саксонија, Борис Писториус.
Писториус рекол дека нема да ги потврди пишувањата на некои локални медиуми дека во близина на стадионот било пронајдено амбулантно возило, полно со експлозиви. Германскиот министер за внатрешни работи, Томас де Мезиер, пак, рекол дека фудбалскиот натпревар во Хановер бил откажан поради „добри причини“ и „за да се заштитат“ граѓаните, не наведувајќи дополнителни детали.
Де Мезиер додал дека „дел од одговорот на прашањето за тоа зошто стадионот бил евакуиран, би направило јавноста да не се чувствува безбедно“. Покрај германскиот министер, на натпреварот требало да присуствува и германската канцеларка Ангела Меркел и уште неколку министри, пренесуваат агенциите.
Натпреварот требаше да се одигра четири дена по терористичките напади во Париз, во кои 132 лица беа убиени. За време на нападите се играше пријателскиот натпревар помеѓу Франција и Германија, а пред стадионот еден бомбаш самоубиец се разнесе.
Германските медиуми јавуваат дека информацијата за можниот напад дошла од „странски извори“, а ова го потврдил и министерот за внатрешни работи на Баварија, Јоаким Херман. Тој изјавил дека во вторникот добил информација дека „во следните 48 часа ќе има или пак можно е да има напад на еден германски спортски натпревар“, додавајќи дека сепак „дури и тој бил изненаден од откажувањето на натпреварот“./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Фон Дер Лајен: На Европа не и се заканува војна, но треба да бидеме подготвени и да произведуваме оружје
Европа во моментов не се соочува со непосредна закана од војна, но мора да биде подготвена за тоа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Треба да бидеме подготвени и тоа започнува со итната потреба за зајакнување и трансформирање на вооружените сили на членките на блокот“, рече Фон дер Лајен на Европскиот самит за одбрана и безбедност.
Според неа, ЕУ мора да произведе оружје од новата генерација за да „победи на бојното поле“.
„Европа треба да се стреми да развие и произведе нова генерација на оперативни способности за да победи во битките и да обезбеди доволно материјално количество и технолошка супериорност што можеби ќе и треба во иднина, а тоа значи турбо полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години,“ изјави Фон дер Лајен.
Европа
(Видео) Русите го гранатираа Чернихив, загинаа најмалку 13 лица, Зеленски бара дополнителна помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка по рускиот ракетен напад врз северниот град Чернихив утринава, при што загинаа најмалку 13 лица.
„Ова немаше да дојде до ова доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот тероризам“, објави Зеленски на „Телеграм“.
Министерот за внатрешни работи, Ихор Клименко, во изјава за „Телеграм“ рече дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 се повредени и дека спасувачките операции се во тек.
Во нападот беа оштетени и четири катни згради, болница, образовна институција и десетици автомобили, додаде тој.
Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис „Суспилна“. Тој рече дека три проектили паднале во близина на центарот на градот и дека е оштетена цивилната инфраструктура.
Локалното население е повикано да дарува крв, изјави градоначалникот Олександр Ломако. Чернихив се наоѓа на речиси 150 километри северно од Киев, недалеку од границата со Русија. Кога руските сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, Чернихив беше нападнат, но не беше преземен.
Европа
Во Германија уапсени 10 лица: за пари набавувале дозволи за престој на странци
Во Германија денеска во полициска акција се уапсени десет лица осомничени дека за големи суми пари набавувале дозволи за престој во Германија за странци од Кина и арапските земји.
„Главни осомничени се двајца адвокати од Келн, а истрагата се води против 38 можни члена на шверцерската банда и против 147 други лица, кои се занимавале со систематски шверц на луѓе“, се вели во соопштението на полициската управа на град веднаш до Келн, кои ја водат операцијата.
Осомничените се обвинети дека донеле странски државјани во Германија и ги набавиле потребните документи за големи суми пари, од 30 до 350 илјади евра. Осомничените основале фиктивни фирми и лажни адреси со кои се регистрирале лица од странство.
Весникот „Билд“ пишува дека меѓу осомничените има и вработени во неколку канцеларии за странци во регионот Рајнланд-Пфалц, кои издавале дозволи за престој за пари. Еден од нив е меѓу уапсените. Како што е соопштено, за време на рацијата била запленета и голема количина пари. Минатата година, со 300.000 бегалци и баратели на азил, Германија забележа значителен пораст на илегалниот влез во земјата.