Европа
Дрон над воена база во Франција
Беспилотно летало е регистрирана во саботата навечер како ја надлетува воена база во Сен-Порт, југоисточно од француската престолнина Париз, каде што е морнаричкиот центар за комуникации со подморниците, се дознава во неделата од извори блиски на истрагата.
Во Сен-Порт, во париско предградие, од почетокот на 1990-те е сместен поморскиот центар CIM задолжен за еднострана комуникација со француските подморници. Станува збор за многу чувствителна локацијата на којашто се поставени големи антени кои надминуваат 200 метри. Освен комуникацијата со подморниците, CIM, меѓу другото, е задолжен и за пренесување на можни наредби на претседателот на Франција за нуклеарен напад.
Кон крајот на јануари повеќе бесполотни летала биле забележани во близина на воената постројка Ил Лонж во западниот дел од земјата. Од ланскиот 5-ти октомври, според податоците на министерството за внатрешни работи над чувствително локации се регистрирани најмалку „60 прелети на беспилотни летала“.
Кон крајот на февруари во Париз беа приведени па ослободени тројца новинари на арапската телевизија Al Jazeera, кои беа осомничени за неовластено управување со дронови во реоните на главните париски атракции, како што се, на пример, Ајфеловата кула, плоштадот Конкордија, но и амбасадата на САД, како и во предградијата на француската престолнина. Кон крајот на јануари дрон беше забележан и над Елисејската палата, резиденцијата на претседателот на Франција. Во сите случаи полицијата се обидуваше да го следи летот на овие уреди, но управувачите со нив не беа откриени.
Минатата година во Франција беа регистрирани повеќе десетина инциденти со прелетување на мали беспилотни летала врз нуклеарните централи низ целата територија на земјата, што е законски забрането. Секогаш, според полицијата, стануваше збор за уреди со тежина до 10 килограми, кои може да се најдат во слободна продажба, но до денес не се откриени лицата кои управувале со нив./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германија уапси две лица: соработувале со Русите, планирале да ја саботираат армијата
Две лица, кои, освен германско, имаат и руско државјанство, се уапсени во Германија поради наводно планирање саботирање воени објекти, вклучително и американски, со цел да ја поткопаат воената поддршка за Украина, соопшти денеска германското Обвинителство. Властите извршија претрес во домовите и работните места на двајцата осомничени, кои се обвинети дека работеле за странска тајна служба, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Еден од осомничените, идентификуван како Дитер С., разговарал за можни заговори со лице поврзано со руската тајна служба од октомври 2023 година, се посочува во соопштението.
Дитер С. подготвувал бомбашки напади и палење во воени објекти, вклучително и оние со кои управуваат американските сили, се додава во соопштението.
Според магазинот „Шпигел“, еден од објектите е воената база „Графенвоер“, во јужната сојузна држава Баварија, каде што украинските војници се обучуваат да управуваат со американските тенкови „Абрамс“. Руската амбасада во Берлин не одговори веднаш на барањето за коментар.
„Намерата на акциите беше да се поткопа воената поддршка што Германија и ја дава на Украина против руската воена агресија“, се вели во соопштението на германските обвинители.
Европа
Фон Дер Лајен: На Европа не и се заканува војна, но треба да бидеме подготвени и да произведуваме оружје
Европа во моментов не се соочува со непосредна закана од војна, но мора да биде подготвена за тоа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Треба да бидеме подготвени и тоа започнува со итната потреба за зајакнување и трансформирање на вооружените сили на членките на блокот“, рече Фон дер Лајен на Европскиот самит за одбрана и безбедност.
Според неа, ЕУ мора да произведе оружје од новата генерација за да „победи на бојното поле“.
„Европа треба да се стреми да развие и произведе нова генерација на оперативни способности за да победи во битките и да обезбеди доволно материјално количество и технолошка супериорност што можеби ќе и треба во иднина, а тоа значи турбо полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години,“ изјави Фон дер Лајен.
Европа
(Видео) Русите го гранатираа Чернихив, загинаа најмалку 13 лица, Зеленски бара дополнителна помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка по рускиот ракетен напад врз северниот град Чернихив утринава, при што загинаа најмалку 13 лица.
„Ова немаше да дојде до ова доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот тероризам“, објави Зеленски на „Телеграм“.
Министерот за внатрешни работи, Ихор Клименко, во изјава за „Телеграм“ рече дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 се повредени и дека спасувачките операции се во тек.
Во нападот беа оштетени и четири катни згради, болница, образовна институција и десетици автомобили, додаде тој.
Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис „Суспилна“. Тој рече дека три проектили паднале во близина на центарот на градот и дека е оштетена цивилната инфраструктура.
Локалното население е повикано да дарува крв, изјави градоначалникот Олександр Ломако. Чернихив се наоѓа на речиси 150 километри северно од Киев, недалеку од границата со Русија. Кога руските сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, Чернихив беше нападнат, но не беше преземен.