Европа
Две третини од земјите во ЕУ се против ГМО
Повеќе од две третини од земјите членки на Европската унија сакаат да ја искористат можноста да го забранат одгледувањето на генетски модифицираните организми (ГМО) на својата територијата, објави во неделата Европската комисија.
Вкупно 19 од 28-те земји членки на ЕУ до крајот на рокот во саботата поднеле барање со коешто се изземаат од директивата со којашто е олеснето одгледувањето на ГМО во Европа, соопшти портпаролот на Европската унија, Енрико Бривио.
На оваа листа се Австрија, Бугарија, Грција, Данска, Италија, Латвија, Литванија, Луксембург, Малта, Полска, Словенија, Унгарија, Франција, Холандија и Хрватска, додека Германија побарала ограничено изземање коешто овозможува истражувања на ГМО. Белгија и Велика Британија, пак, побарале изземања само за дел од нивните територии, кај Белгија тоа е за Валонија, а во Британија се однесува на Велс, Северна Ирска и Шкотска.
Според европската директива којашто стапи на сила во 2015 година, земјите членки можат да бараат изземање за целата територија или за дел од својата територија од примената на законот со кој претходно беше дозволено влегувањето на ГМО на ниво на целата ЕУ.
Земјите членки во тој случај можеа до 3-ти октомври да ја прогласат целата своја територија или еден нејзин дел слободен од ГМО. И оние земји кои не го сторија тоа, ќе можат да добијат изземање, но со малку посложена постапка во којашто, меѓу другото, ќе морат да достават и образложени за својата одлука.
Уредбата којашто овозможува изземање беше донесена на почетокот од годинава и исклучиво се однесуваше на правото на поедините земји членки да забранат или да дозволат ГМО на својата територија. Тоа претходно на ниво на ЕУ беше регулирано на многу контроверзен начин, па иако мнозинството од дури 19 земји членки се противеа на одгледувањето на ГМО, поради сложеноста на системот на гласање ЕУ не можеше да изгласа забрана а Европската комисија мораше да го одобри одгледувањето на пченката Maize1507 на ниво на целата Унија./крај/мф/сн
Извор: Hina
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.