Европа
Еден од пилотите бил надвор од кабината кога авионот паднал, другиот пилот не отворал
Снимките од разговорот во пилотската кабина на германскиот авион “erbas A320” којшто се урна во вторникот на француските Алпи покажуваат дека еден од пилотите ја напуштил кабината и не можел да се врати пред падот на авионот во којшто загинаа сите 150 патници и членови на екипажот, пишува The New York times.
Од снимките од разговорите не може да се заклучи зошто пилотот ја напуштил кабината, ниту зошто не можел повторно да влезе во кабината додека авионот се движел кон француските Алпи. „Пилотот кој се наоѓа надвор од кабината тропа на вратата, но нема одговор. Потоа тропа посилно на вратата, но повторно нема одговор. Потоа се слуша како се обидува да ја скрши вратата“, изјавил неименуван извор за весникот.Авионот е на „Germanwings“, нискобуџетна компанија на „Lufthansa“ чиј портпарол изјави дека компанијата е запозната со приказната на весникот, но дека не сакаат да учествуваат во шпекулации за причините за несреќата.Француското биро коешто ја води истрагата за авионската несреќа BEA, претходно соопшти дека е прерано да се донесуваат заклучоци за причините за несреќата. „Сè уште не сме ги проучиле аудио податоците и не сме го констатирале точното време кога се направени овие звуци и зборовите коишто се слушаат на фајлот“, изјавил директорот на BEA, Реми Жути.„New York times“ се повикува на висок воен функционер вклучен во истрагата кој вели дека на аудио снимката од пилотската кабина, на почетокот на летот се слушаат опуштени разговори меѓу пилотите. Потоа се слуша како еден од пилотите ја напушта кабината. „Сè уште не се знае зошто еден од нив ја напушта кабината. Но сигурно е дека на крајот на летот, другиот пилот е сам во кабината и не ја отвора вратата“, тврди изворот на весникот.Портпаролот на „Lufthansa“ изјавил дека по киднапирањето на авионот во САД на 11 септември 2001 година вратата на пилотската кабина не може да се отвора од надвор.Во несреќата загинаа 72 Германци и 51 Шпанец, а меѓу жртвите има тројца Американци, еден Мароканец и државјани на Велика Британија, Аргентина, Австралија, Белгија, Колумбија, Данска, Израел, Јапонија, Мексико, Иран и Холандија.Тимови на полицијата и лекари од судска медицина го истражуваат местото на несреќата на околу 100 километри северно од Ница, на земја и од хеликоптер.„Кога ќе дојдеме на место на несреќа очекуваме да пронајдеме дел од трупот на авионот. Но овде не гледаме ништо“ изјавил пилотот Ксавиер Рој, кој е координатор на акцијата од воздух.Спасувачките екипи во средата доцна попладне ги извлекле првите посмртни останки на настраданите во несреќата, но не се знае колку тела се извлечени од местото на несреќата. Извлекувањето на другите посмртни останки на загинатите патници се очекува да продолжи во четврток. Некои од роднините на загинатите веќе стигнале на местото на несреќата, додека другите се очекува да пристигнат во четврток со специјални летови од Диселдорф и Барселона.Компанијата „Germanwings“ соопшти дека во средата откажала еден лет и дека користи 11 авиони од други компании за околу 40 летови затоа што некои од членовите на екипажот одбиле да летаат.Копилотот на „Germanwings“ бил на работа во таа компанија од септември 2013 година и имал зад себе 630 часа летачко искуство. Капетанот на летот, пак, имал поминато 6.000 часа во летање. Точните причини за несреќата сè уште не се познати, но едно од прашањата кое се поставува е ако авионот ја губел висината десетина минути, зошто пилотите не побарале помош. Бидејќи не се огласиле постојат сомневања дека се онесвестиле, а тоа упатува на фактот дека во авионот дошло до драстична промена на притисокот. Тоа не мора да биде фатално ако пилотите ставеле на време маски со кислород, но ако биле онесвестени, тоа би го објаснило фактот зошто немало повици за помош или обид авионот да се пренасочи на најблиската писта. Истрагата може да трае со недели, па дури и месеци. Авионот летал до самиот крај удирајќи во планината и исклучена е можноста дека се распаднал во воздух./крај/мф/ффа
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.