Европа
ЕК бара 5.000 лекари од земјите во ЕУ за борба против еболата
Европската комисија започна од европските престолнини да бараат дополнителни финансии против епидемијата на еболата во западна Африка, вклучително и мобилизација на пет илјади лекари и „повеќе илјади медицински персонал“, пренесува AFP повикувајќи се на европски извор.
На еврокомесарите за хуманитарна помош, Христос Стилианидес, и за здравство, Витенис Андриукаитис водат контакти во таа насока со 28-темина, бидејќи поради сериозноста на ситуацијата, неопходна е моментална реакција, додал неименуваниот соговорникот на агенцијата.
Еврокомесарот Андриукаитис на социјалната мрежа Twitter напиша дека ги повикал министрите од 14 земји членки и барал од нив да испратат медицински персонал во земјите зафатени со еболата, на што добил позитивни одговори. Тој треба да ги продолжи контактите со сите држави членки, додека неговиот колега Стилианидес, кој исто така е координатор на ЕУ против еболата, презема слични чекори кај министрите од неговиот ресор, прецизирал истиот извор.
Европската комисија барала мобилизирање пет илјади лекари и повеќе илјади болнички кадар, како и финансиски и логистички средства особено превозни, појаснил.
Медицинскиот персонал може да биде од мешовит систем, вклучително и лекари коишто би ги испратиле и би ги финансирале државите членки на ЕУ, персонал мобилизиран во рамки на програмата којашто би ја кофинансирала ЕУ, како и доброволци и невладини организации. Европската комисија веќе ја истакна итната потреба од епидемиолози и мобилни екипи за борба против епидемијата во најоддалечените села и области.
По враќањето кон средината на ноември од трите земји во епицентарот на епидемијата, Сиера Леоне, Либерија и Гвинеја, двајцата комесари одлучија да ја забрзаат Европската мобилизација поради сериозноста на ситуацијата на теренот.
Истиот извор навел дека на состанокот во понеделникот на министрите за здравство мора да се разговара за средствата на ЕУ за борба против епидемијата. Досега ЕУ се обврза да стави на располагање повеќе од милијарда евра за борбата против еболата, од кои 373 милиони евра ги вети Европската комисија. Стилинаидес во меѓувреме пред Европскиот парламент истакна дека е потребно да се стори повеќе за исполнување на празнината и јакнење на координацијата на теренот./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.