Европа
ЕК: Некои од британските барања се ‘многу проблематични’
Некои од барањата на британскиот премиер Дејвид Камерон во врска со реформите на Европската унија се „многу проблематични“, изјави во вторникот портпаролот на Европската комисија (ЕК) Маргаритис Шинас, наведувајќи го како пример барањето за ограничување на правото на граѓаните на Унијата на работа во други земји членки.
„На прв поглед гледаме низа елементи кои се чинат изводливи, како што се барањето за поголем удел на националните парламенти, гледаме некои тешки прашања како она за сé потесната Унија, додека некои работи се многу проблематични, бидејќи се однесуваат на основните слободи на внатрешниот пазар. Директната дискриминација меѓу граѓаните на ЕУ спаѓа во оваа последна категорија“, рече портпаролот на ЕК, Маргаритис Шинас, појаснувајќи го барањето на Велика Британија на европските имигранти, посебно од новите земји членки, да им се намали социјалната помош и бенефициите како што се даночни олеснувања или правото на социјален стан, пренесе AFP.
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, потврди дека ги примил очекуваното писмо на британскиот премиер Дејвид Камерон со списокот барања за реформи на Европската унија. Туск рече дека следната седмица ќе го започне на кругот „билатералните консултациите“, со владите на другите 27 земји членки и со Европскиот парламент.
Како што тврдат функционери на ЕУ, Туск ќе се обиде да ги проучи сите британски барања и ставови до крајот на месецов за да утврди за кои може да се расправа и да се одлучува на самитот на челниците на земјите членки на Европската унија кој ќе се одржи на 17-ти 18-ти декември, наведува Reuters.
Најтешката задача со којашто ќе се соочи Камерон во своите барања, според оцената на британскиот јавен сервис BBC, ќе биде да ги увери другите европски челници да ги прифатат рестрикциите во врска со работните бенефиции во Обединетото Кралство. Камерон смета дека е клучно барањето за намалување на „,многу високото и неодржливо“ нивно на имиграцијата. Освен што се повикува на „пресметка со оние коишто ја злоупотребуваат слободата на движењето“, како што се измамниците во случаите на фиктивните бракови, британскиот премиер бара и поголеми овластувања при депортацијата на криминалците.
Британскиот премиер повторно повторува во писмото дека го сака останувањето на своето земја во „реформираната Унија“, не го исклучува на европскиот блок доколку преговорите не дадат резултат со посакуваните промени. Во писмото до претседателот на Европската унија, Доналд Туск, истакна, меѓу другото, дека Британија нема да стои на патот на натамошната интеграција еврозната, но бара гаранција за британските компании од дискриминации и официјална потврда дека ЕУ има повеќе од една валута.
Дејвид Камерон во писмо истакнал дека сите барања на неговата влада „работите ги сведуваат на еден збор – флексибилност“. И додека Европската комисија веќе на „прв поглед“ тврди дека некои од барањата се “многу проблематични“, Камерон во Британија доживеа критики од поранешниот министер за финансии конзервативецот лорд Лавсон, кој изјави дека неговите барања се „разочарувачки неамбициозни“. Поборниците на „брегзитот“, пак, преговорите за новата позиција на Велика Британија во ЕУ и сметаат само за „трик и манипулација“.
Камерон смета дека целите коишто ги постави ги одразуваат желбите на Британците и дека „би било добро за Велика Британија и Европската унија“. „Тоа е возможна мисија“, убеден е Камерон, признавајќи дека „ќе биде потребно многу да се работи“ за таа да успее.
„Вие Британците ќе решите за тоа. Во тој момент ќе ја имате судбината во своите раце. Тоа е голема одлука, можеби најголемата којашто некогаш ќе ја донесете во својот живот. И тоа ќе биде конечна одлука“, го цитира BBC британскиот премиер Камерон./крај./мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.