Европа
ЕП го одби предлог законот за трговија со ГМО производи
Европскиот парламент на пленарната седница во средата во Стразбур го отфрли предлог директивата со којашто на земјите членки на Европска унија би им се дозволи да ја ограничат или забранат продажбата и употребата на производи според генетски модификувани организми (ГМО), кои веќе се одобрени на ниво на ЕУ, сметајќи дека тоа е во спротивност со единствениот европски пазар.
Директивата на може да стапи на сила без поддршка од Европскиот парламент, а Европската комисија одби да го повлече предлогот и најави дека ќе ги продолжи разговорите со Советот на Европската унија, телото коешто ги претставува сите земји членки.
Предлогот на ЕК предвидува на државите членки да им се препушти одлуката дали сакаат на својата територија да ја ограничат или да ја забранат продажбата на ГМО производи, храна и сточна храна, кои веќе се одобрени на нови на ЕУ. Станува збор за слично решение како и директивата за одгледување на ГМО, која на сила стапи во април 2015 година, а којашто им овозможува на земјите членки да забранат одгледување на својата територија, иако одгледувањето на е одобрено на ниво на ЕУ.
Сите пратенички групи беа против предлогот, тврдејќи дека тој не е во согласност со принципите на единствениот европски пазар. Имајќи предвид дека трговијата ги надминува националните граници, па така и трговијата со ГМО производи, би било невозможно да се спроведе забрана на национално ниво без гранични контроли, истакнаа повеќето од европарламентарците. Против предлогот на ГМ беше големо мнозинство од 577, додека само 57 европски парламентарци го поддржаа.
На почетокот од октомври беше објавено дека вкупно 19 од 28-те земји членки на ЕУ до крајот на рокот на 3-ти октомври поднеле барање со коешто се изземаат од директивата со којашто е олеснето одгледувањето на ГМО во Европа. Според европската директива којашто стапи на сила во 2015 година, земјите членки можат да бараат изземање за целата територија или за дел од својата територија од примената на законот со кој претходно беше дозволено влегувањето на ГМО на ниво на целата ЕУ.
Земјите членки во тој случај можеа до 3-ти октомври да ја прогласат целата своја територија или еден нејзин дел слободен од ГМО. И оние земји кои не го сторија тоа, ќе можат да добијат изземање, но со малку посложена постапка во којашто, меѓу другото, ќе морат да достават и образложени за својата одлука.
Уредбата којашто овозможува изземање беше донесена на почетокот од годинава и исклучиво се однесуваше на правото на поедините земји членки да забранат или да дозволат ГМО на својата територија. Тоа претходно на ниво на ЕУ беше регулирано на многу контроверзен начин, па иако мнозинството од дури 19 земји членки се противеа на одгледувањето на ГМО, поради сложеноста на системот на гласање ЕУ не можеше да изгласа забрана, а Европската комисија мораше да го одобри одгледувањето на пченката Maize1507 на ниво на целата Унија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Фон Дер Лајен: На Европа не и се заканува војна, но треба да бидеме подготвени и да произведуваме оружје
Европа во моментов не се соочува со непосредна закана од војна, но мора да биде подготвена за тоа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Треба да бидеме подготвени и тоа започнува со итната потреба за зајакнување и трансформирање на вооружените сили на членките на блокот“, рече Фон дер Лајен на Европскиот самит за одбрана и безбедност.
Според неа, ЕУ мора да произведе оружје од новата генерација за да „победи на бојното поле“.
„Европа треба да се стреми да развие и произведе нова генерација на оперативни способности за да победи во битките и да обезбеди доволно материјално количество и технолошка супериорност што можеби ќе и треба во иднина, а тоа значи турбо полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години,“ изјави Фон дер Лајен.
Европа
(Видео) Русите го гранатираа Чернихив, загинаа најмалку 13 лица, Зеленски бара дополнителна помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка по рускиот ракетен напад врз северниот град Чернихив утринава, при што загинаа најмалку 13 лица.
„Ова немаше да дојде до ова доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот тероризам“, објави Зеленски на „Телеграм“.
Министерот за внатрешни работи, Ихор Клименко, во изјава за „Телеграм“ рече дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 се повредени и дека спасувачките операции се во тек.
Во нападот беа оштетени и четири катни згради, болница, образовна институција и десетици автомобили, додаде тој.
Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис „Суспилна“. Тој рече дека три проектили паднале во близина на центарот на градот и дека е оштетена цивилната инфраструктура.
Локалното население е повикано да дарува крв, изјави градоначалникот Олександр Ломако. Чернихив се наоѓа на речиси 150 километри северно од Киев, недалеку од границата со Русија. Кога руските сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, Чернихив беше нападнат, но не беше преземен.
Европа
Во Германија уапсени 10 лица: за пари набавувале дозволи за престој на странци
Во Германија денеска во полициска акција се уапсени десет лица осомничени дека за големи суми пари набавувале дозволи за престој во Германија за странци од Кина и арапските земји.
„Главни осомничени се двајца адвокати од Келн, а истрагата се води против 38 можни члена на шверцерската банда и против 147 други лица, кои се занимавале со систематски шверц на луѓе“, се вели во соопштението на полициската управа на град веднаш до Келн, кои ја водат операцијата.
Осомничените се обвинети дека донеле странски државјани во Германија и ги набавиле потребните документи за големи суми пари, од 30 до 350 илјади евра. Осомничените основале фиктивни фирми и лажни адреси со кои се регистрирале лица од странство.
Весникот „Билд“ пишува дека меѓу осомничените има и вработени во неколку канцеларии за странци во регионот Рајнланд-Пфалц, кои издавале дозволи за престој за пари. Еден од нив е меѓу уапсените. Како што е соопштено, за време на рацијата била запленета и голема количина пари. Минатата година, со 300.000 бегалци и баратели на азил, Германија забележа значителен пораст на илегалниот влез во земјата.