Европа
ЕП ја поддржа компромисна резолуција за палестинската држава
Европскиот парламент ја прифати во средата резолуцијата со којашто начелно ја поддржува палестинската држава гласајќи за компромисен текст со што отстапи од постапките на некои европски парламенти кои во ноември гласаа за моментално признавање на палестинската држава.
Европскиот парламент ја прифати во средата резолуцијата со којашто начелно ја поддржува палестинската држава гласајќи за компромисен текст со што отстапи од постапките на некои европски парламенти кои во ноември гласаа за моментално признавање на палестинската држава.
По договорот на двете најголеми пратенички групи во Европскиот парламент, прифатен е текстот во кој се истакнува дека „Европскиот парламент начелно ја поддржува палестинската држава и решението за две држави коешто треба да биде постигнато со мировните преговори коишто мора да се забрзаат“.
Социјалдемократите, партиите од левицата и Зелените поднесоа предлог со кој се бараше од пратениците во средата симболично да гласаат за безусловно признавање на палестинската држава. Таквиот предлог беше поднесен откако во октомври Шведска ја призна Палестина, а парламентите на Велика Британија, Франција и на Ирска донесоа необврзувачки резолуции за поддршка на формирањето на палестинската држава.
Овие необврзувачки постапки се дел од движењето во Европа коешто во последно време зема сé поголем замав, кое признавањето на независноста на Палестина го смета за средство за притисок за покренување на мировниот процес и заштита на решението со две држави, израелска и палестинска.
Според палестинските претставници, 134 земји ја признале Палестина, од кои седум се членки на Европската унија коишто го сторија тоа пред влегувањето во ЕУ – Чешка, Унгарија, Полска, Бугарија, Романија, Малта и Кипар. Кон нив пред околу три седмици се придружи Шведска како првата западна држава од ЕУ којашто ја призна Палестина.
Европската народна партија (ЕРР), којашто е најголемата политичка групација во Европскиот парламент која ги обединува пратениците од десниот центар, потоа Сојузот на либералите и демократите од Европа коишто ја сочинуваат четвртина од групација, бараа компромисниот текст. Тие образложија дека признавањето на палестинската држава е остварливо само во рамките на договорот со Израел постигнат преку преговори.
Европејците со гласањето во средата искажаа незадоволство од текот на мировниот процес на Блискиот исток кој западна во ќорсокак. Исто така, Европејците се сé понезадоволни од политиката на Израел кој по пропаѓањето на последниот круг од преговорите во април под посредство на САД, и продолжува да ги гради доселеничките населби на палестински области.
Тие палестински области на коишто Израел ги шири своите колонии на Западниот брег (од реката Јордан) и во источен Ерусалим, кој Палестинците го сакаат да биде главен град на идната нивна држава, додека Евреите го прогласија за своја „историска и неделива престолнина“. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.