Европа
Ердоган и европските челници истрајни на своите барања околу мигрантскиот договор
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во четвртокот го зголеми притисокот врз Европската унија во врска со мигрантскиот договор, обвинувајќи ја ЕУ дека поставува нови пречки за безвизниот режим за Турците и се закани дека Анкара доколку пропадне договорот ќе тргне по свој пат.
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во Берлин изјави дека од договорот нема да има ништо, доколку Анкара не ги исполни своите обврски, и доколку не се согласи со промените кои мора да ги внесе во својот антитерористички закон.
Оваа своевидна пат-позиција ја доведува во прашање иднината на договорот, кој на турските државјани би им овозможил безвизно патување во земјите од Европската унија во замена за стопирање на приливот на мигрантите. Брисел очајно посакува договорот да успее, но е истраен во тоа дека Турција мора да ги исполни сите 72 услови, вклучително и оној за стеснување на нејзината законска дефиниција на тероризмот.
ЕУ и организациите за заштита на човековите права ја обвинуваат Турција дека ги користи своите противтерористички закони за да ја задуши опозицијата, додека Анкара вели дека таквите закони се неопходни поради борбата со курдските бунтовници во земјата, како и со џихадистичката групација Исламска држава во соседните земји Сирија и Ирак, каде што ги напаѓа и базите на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK).
„Го завршивме прашањето на безвизното патување во ЕУ, постигнавме договор, но тогаш тие поставија 72 услови, вклучително меѓу нив и антитерористичките закони“, изјави во четвртокот Ердоган. Додаде дека да ѝ се каже на Турција да ги ублажи антитерористички закони, било исто како да се бара да се откаже од борбата против тероризмот.
„Или ќе ги поправиме своите односи со ЕУ, или за себе ќе поставиме нов пат. Попрво би граделе нова Турција со своите ЕУ пријатели, но сега ќе ја причекаме одлуката на своите ЕУ пријатели“, порача турскиот претседател.
Меѓутоа, воинствено расположениот Јункер воопшто не сигнализира дека е подготвен на отстапки во дијалогот со Анкара.
„Му придаваме голема важноста на исполнување на условите. Во спротивно, договорот меѓу ЕУ и Турција нема да се оствари. Доколку г-дин Ердоган одлучи да им го скуси на Турците правото на слободно патување без визи во Европа, тогаш ќе мора тоа да му го објасни на турскиот народ…. Тоа нема да биде мој проблем, туку негов“, порача Јункер./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.