Европа
Ерменија: Се предадоа вооружените напаѓачи на полициската станица
Ерменските полициски сили ја приведоа во неделата до крај двонеделната заложничка криза во полициската станица во главниот град Ереван во која двајца полицајци беа убиени, соопштија ерменските безбедносни служби додавајќи дека се уапсени дваесет лица.
„Антитерористичката операција на силите за спроведување на редот е завршена, припадниците на вооружената група мораа да го положат оружјето и да им се предадат на властите. Дваесет терористи се уапсени. Територијата на полициската станица е целосно ослободена“, се наведува во соопштението на ерменската државна безбедносна служба.
Една ерменска интернет страница претходно во неделата објави изјава на маж кој се претставил како припадник на вооружената група и рекол дека одлучил да се предаде.
„Продолжуваме да се бориме од затворот, мислиме дека ја исполнивме својата задача: бевме искра која го поттикна народот на побуна, нема смисла да се пролева крв“, рекол мажот кој се претставил како Варујан Аветисјан, припадник на радикалното опозициско движење.
Полицијата во саботата соопшти дека конечно ќе ја изведе планираната акција за заземање со сила на полициската станица, за што протестираа приврзаниците на оваа вооружена група.
Напаѓачите бараа ослободување на затворениот опозициски челник Жирар Сефилјан, кој ја критикува власта заради недоволното според него воена ангажирање во судирот во Нагорно-Карабах, доминантно ерменска покраина во соседен Азербејџан која од распадот на Советскиот сојуз настојува да се отцепи.
Главното барање на напаѓачите е ослободување на од затвор на лидерот на радикалниот опозициски Фронт за општествен спас Нова Ерменија, Жирар Сефилјан, кои е обвинет за незаконско набавување и поседување оружје и за организирање безредија. Тој беше уапсен во јуни во обидот за заземање на владини згради и телекомуникацискиот центар во Ереван.
Напаѓачите на 17-ти јули упаднаа во полициската станица, земајќи заложници вклучително и медицинскиот тим кој им беше испратен за помош кога најавија и штрајк со глад.
Тие бараа оставка од претседателот Серж Саграсјан, воен функционер избран во 2008 година, за кого се смета дека е проруски наклонет па затоа на западот извесна поддршка ужива радикалната опозиција која покажува дека е добро вооружена.
На протестите кои заложничката криза ги поттикна во Ереван во безредијата беа повредени 60 луѓе а приведени 164, поради што Европската унија и САД изразија загриженост./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.