Европа
ЕУ и натаму ги задржува санкциите против Русија
Земјите членки на Европската унија одлучија во вторникот да ги задржат санкции против Русија во очекување дека мировниот договор во Украина ќе започне во целост да се применува.
Амбасадорите на земјите членки на ЕУ одлучија во вторникот да ги задржат санкциите и покрај некои охрабрувачки сигнали за спроведување на мировниот договор потпишан на 5-ти септември во белоруската престолнина Минск на состанокот на Контактната група за Украина, во којашто се вклучени и претставници на Киев, Москва и на Органзиацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).„Сите делови од мировниот договор мора да бидат применети на соодветен начин“, изјави портпаролката за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Маја Коцијанчич, без да прецизира на што точно се однесува.Договорот, меѓу другото, предвидува и формирање на тампон зона во вкупна широчина од 30 километри, повлекување на борбените единици од населените места, но и давање на специјален статус на побунетите доминантно рускојазични источни региони на Украина. ЕУ и САД ги воведоа санкциите против Русија откако во март црноморскиот полуостров Крим каде што мнозинство се етничките Руси, како одговор на соборувањето на претседателот Виктор Јанукович од страна на прозападните сили во Киев, реши преку референдум да си ја поврати автономијата укината во 1990 година по осамостојувањето на Украина, и да се присоедини кон Руската Федерација. Западот тоа го толкува како руска анексија на украинска територија и нелегитимен акт во спротивност со меѓународното право.Потоа западните земји ги засилуваа во неколку наврати санкциите против Русија обвинувајќи ја дека ги снабдува со оружје и воена опрема проруските бунтовници во источна Украина. Санкциите се насочени против руски функционери, руската нафтена индустрија, банки и компании кои се занимаваат со производство на оружје и воена опрема.Москва во повеќе наврати одлучно ги демантираше таквите тврдења и бара да бидат конкретизирани со докази таквите западни тврдења. Од своја страна, како одговор на санкциите, Русија го забрани увозот од земјите од ЕУ, САД, Австралија и Канада, на храна, земјоделски производи и овошје, млеко и млечни производи што само од Европа на годишно ниво изнесува околу десет милијарди евра.ЕУ, која последниот сет санкции ги донесе по тешки меѓусебни преговори, изрази подготвеноста да ги укине санкции доколку Русија „започне да го спроведува мировниот договор“, на што Москва повторно одговори дека станува збор за внатрешно украинско прашање и оти таа не страна во конфликтот во кој загинаа околу 3.200 луѓе, а ранети се околу осум илјади. Се закани, исто така, дека нејзиниот одговор може да биде проширен и со забрана за увоз на автомобили и текстил/крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.