Европа
ЕУ и УНИЦЕФ заедно против насилството врз децата во ЈИЕ
Европската унија (ЕУ) и УНИЦЕФ го проширија важното регионално партнерство чија цел е децата да се заштитат од насилство, а децата со попреченост подобро да се вклучат во општеството.
Од 2011 година, УНИЦЕФ и ЕУ соработуваат со земјите во процес на пристапување кон ЕУ, како што се Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Турција. Ова партнерство сега се проширува за да ги вклучи Косово*, Црна Гора и поранешната југословенска Република Македонија. Почнувајќи од оваа година, Европскиот форум за попреченост (EDF) се приклучи кон партнерството. Насилството е секојдневна реалност за илјадници деца низ цела Југоисточна Европа. Податоците покажуваат дека над 50 проценти од машките и девојчињата на возраст од 2 до 14 години (а во некои земји, над 70 проценти) биле изложени на барем една форма на физичко или тешко психичко казнување од страна на членовите на семејството. Кога насилството се случува во семејството, на многу деца сè уште им е крајно тешко да зборуваат со надворешни лица за тоа, а камоли да бараат заштита и обесштување. Состојбата на децата со попреченост е дури уште посложена: често, тие се одделени од семејствата, премногу се застапени во институции со престој, се чуваат вон училиштата и исклучени се од секојдневниот јавен живот. Се соочуваат со предрасуди, стигматизација и тешка дискриминација. Многу од нив се „невидливи“ – не се претставени во официјалните податоци. Исто така, тие имаат речиси четирипати поголеми изгледи да доживеат насилство. ЕУ и УНИЦЕФ ќе вложат 5,89 милиони евра – од кои 5 милиони евра доаѓаат од ЕУ – за ова регионално партнерство во текот на следните три години, и натаму цврсто ќе се залагаат секое дете да биде заштитено од сите форми на насилство и да биде рамноправен член на општеството. „Веруваме дека ова партнерство може да внесе вистинска промена во животот на децата во регионот. Се потпираме врз стручноста и знаењето на УНИЦЕФ и EDF да влијаат врз политиките што ги засегаат децата кои се жртви на насилство и децата со попреченост. Во исто време, од клучно значење е да се допре до граѓанско-активистичките организации кои работат на заштита на децата и да се промовира инклузија на децата во општеството. Затоа, голем дел од средствата ќе бидат наменети за поддршка на мали граѓански организации, со цел да се постигне вистинска промена и одржливо подобрување на секојдневниот живот и идната перспектива на децата“, рече Јоханес Хан, комесарот на ЕУ за европска соседска политика и преговори за проширување. Партнерството ќе придонесе кон подобрување на координацијата за мултисекторски одговор на насилството врз децата. Клучните професионалци ќе добијат подобри податоци, иновативни алатки, знаења и механизми за спречување или одговор на насилството, злоупотребата и запоставувањето, како и за намалување на социјалната дистанца меѓу децата со и без попреченост. „Секој случај на насилство врз децата е премногу. Нивниот живот, здравје, безбедност, образование и иднина се ставени на ризик, а тие може да бидат обележани за цел живот. Мора да го кренеме гласот против насилството и дискриминацијата. Неприфатливо е да се користи насилство врз децата, особено врз децата кои се најранливи. Мора да најдеме ефективни решенија во земјата и заедницата за да ги заштитиме правата на сите деца и да им помогнеме да побараат обесштување“, вели Мари-Пјер Поаре, регионален директор и специјален координатор за бегалско-мигрантската криза во Европа. Организациите на лицата со попреченост, вклучувајќи ги и самите деца со попреченост, ќе играат погласна и поактивна улога во мониторирањето и влијанието врз политиките за еднакви права и социјална инклузија на децата со попреченост. „Од суштинска важност е децата со попреченост да бидат вклучени во сите активности за спречување на насилството врз децата. Исто така, оваа иницијатива е многу важна затоа што нејзината цел е да се изгради капацитет и да се вклучат организациите на лицата со попреченост и другите членови на граѓанскиот сектор. EDF со задоволство е партнер со УНИЦЕФ и ЕУ, за да помогне правата на децата со попреченост да станат реалност во регионот, каква што е нашата цел во Европа и во светот“, вели Јанис Вардакастанис, претседател на Европскиот форум за попреченост./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.