Европа
ЕУ се мобилизира за проблемот со имигрантите
Европскиот комесар за миграции Димитрис Аврамопулос ја откажа во понеделникот својата посета на Шпанија и ќе учествува на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Европската унија, којашто во најголемиот дел ќе биде посветена на тајните имигранти, по потонувањето на бродот во неделата 220 километри јужно од италијанскиот остров Лампедуза, а претседателот на Советот на Европа Доналд Туск има намера да свика вонреден самит посветен на имигрантите, што претходно го побараа Рим и Мадрид.
„По трагедијата во Средоземјето разговарав со малтешкиот премиер Џозеф Мускат. Ќе ги продолжиме разговорите со европските челници, со Европската комисија и со дипломатската служба на ЕУ за начинот на кој ќе се фатиме во костец со оваа состојба, напиша шефот на Советот на Европа, Доналд Туск, на својот Twitter. „По консултациите ќе донесат одлука за можното свикување на вонреден самит“, рече за AFP неговиот портпарол Пребен Аман.
„Имајќи ја предвид последната во низата трагедии во Средоземјето“, еврокомесарот за миграции Димитрис Аврамопулос и шпанскиот министер за внатрешни работи Хорхе Фернандез Диаз одлучиле да ја одложат посетата на Сеута и Мелила, шпанските енклави во Мароко, единствената континентална граница меѓу Европа и Африка. „Утре ќе учествувам на состанокот на европските министри за надворешни работи во Луксембург каде ќе се разговара за имигрантите во атмосферата на последните трагични настани“, рече Аврамопулос.
Европските функционери велат дека потонувањето на бродот со имигранти во неделата е најтешката трагедија од овој вид досега во Средоземјети, имајќи го предвид бројот на лицата кои се сметаат за исчезнати. „Ова претставува брутален потсетник дека мораме да преземеме смели мерки за да успееме да се носиме со се’ поголемата криза која се однесува на имигрантите“, изјавил eврокомесарот.
И грчкиот премиер Алексис Ципрас ја повика во неделата ЕУ итно да донесе план со кој ќе се соочи со зголемената хуманитарна криза со мигрантите во Средоземјето. „Средозмејто мора да престане да биде гробница, а јужните земји од Европа депоа на човечките души“, изјави Ципрас за грчката телевизија. Смета дека плански ЕУ мора да им гарантира поддршка на земјите членки како Грција и Италија кои го поднесуваат најголемиот товар, кога станува збор доаѓањето на имигрантите и бегалците од северна Африка, од Блискиот исток и други области.
Во неделата вечерта италијанските медиуми објавија дека еден од преживеаните патници од бродот кој потона меѓу либискиот брег и Лампедуза имало 950 луѓе, наспроти првичните претпоставки дека на бродот имало 700 бегалци. „Бевме 950, вклучително 40 до 50 деца и околу 200 жени“, рекол преживеаниот во изјавата пред државното обвинителство во Катанија, за кого е утврдено дека потекнува од Бангладеш, пренесува агенцијата Ansa.
Претходните извештаи зборуваа за 700 бегалци на бродот. Очевидци изјавиле дека многу од имигрантите биле заклучени во просторот за товар. „Криумчарите го заклучија вратите и ги блокираа во обидот да излезат“, изјавил еден од преживеаните кој бил сместен во болница на Сицилија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.