Европа
Еврогрупата бара од Грција за три дена да претстави долгорочни реформи
Министрите за финансии на 19-те земји членки на евроозната (Еврогрупата), го завршија состанокот во неделата со нови барања кои Грција треба да ги прифати во следните три дена, како услов за започнување на преговорите за третиот пакет финансиска помош за оваа земја на којашто ѝ се заканува банкрот.
Австрискиот министер за финансии Ханс Јорг Шелинг изјави дека Еврогрупата побарала нова реформска програма, којшто треба да ја прифати грчкиот парламент, а неговиот фински колега Александер Стуб изјави дека министрите се договориле околу долгорочните услови кои мора да бидат прифатени во парламентот во Атина до 15-ти јули, односно во следните три дена.
Барањата се однесуваат на приватизацијата, на пензискиот систем и на пазарот на трудот, како и на данокот на додадена вредност (ДДВ) во некои сектори, според Стуб. „Без тоа, нема да има преговори за новиот пакет помош“, порача пак Шелинг.
Претседателот на Еврогрупата, холандскиот министер за финансии Јероен Дијселблом изјави дека со резултатите од средбата на министрите за финансии ќе ги запознае челниците на земјите од еврозоната кои го започнаа вонредниот самит посветен на Грција во моментот кога заврши состанокот на Еврогрупата.
Дијселблом рече дека „уште има отворени прашања“ и дека сега челниците на еврозоната треба да одлучат што ќе се прави натаму. „Минавме долг пат, а останаа отворени уште некои важни прашања и за нив ќе одлучуваат челниците на земјите од еврозоната“, рече.
Еврокомесарот за економски и финансиски работи, Пјер Московиси, изјави дека е постигнат напредок, дека останале некои разлики, и исто така порача дека челниците од еврозоната треба да го најдат решението.
По извесно време премиерот на Малта, Џозеф Мускат, на Twitter објави дека лидерите на земјите од еврозоната прават пауза за консултации.
„Евросамитот е прекината поради консултации. Документот на Еврогрупата е најзначајниот чекор преземен досега. Неопходно е да го фокусираме вниманието на клучните моменти“, напиша Мускат.
Портпаролот на владата на Кипар, Никос Христодулидис, исто така, на Twitter напиша дека самитот на еврозоната земал „долга пауза за консултации“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германија уапси две лица: соработувале со Русите, планирале да ја саботираат армијата
Две лица, кои, освен германско, имаат и руско државјанство, се уапсени во Германија поради наводно планирање саботирање воени објекти, вклучително и американски, со цел да ја поткопаат воената поддршка за Украина, соопшти денеска германското Обвинителство. Властите извршија претрес во домовите и работните места на двајцата осомничени, кои се обвинети дека работеле за странска тајна служба, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Еден од осомничените, идентификуван како Дитер С., разговарал за можни заговори со лице поврзано со руската тајна служба од октомври 2023 година, се посочува во соопштението.
Дитер С. подготвувал бомбашки напади и палење во воени објекти, вклучително и оние со кои управуваат американските сили, се додава во соопштението.
Според магазинот „Шпигел“, еден од објектите е воената база „Графенвоер“, во јужната сојузна држава Баварија, каде што украинските војници се обучуваат да управуваат со американските тенкови „Абрамс“. Руската амбасада во Берлин не одговори веднаш на барањето за коментар.
„Намерата на акциите беше да се поткопа воената поддршка што Германија и ја дава на Украина против руската воена агресија“, се вели во соопштението на германските обвинители.
Европа
Фон Дер Лајен: На Европа не и се заканува војна, но треба да бидеме подготвени и да произведуваме оружје
Европа во моментов не се соочува со непосредна закана од војна, но мора да биде подготвена за тоа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Треба да бидеме подготвени и тоа започнува со итната потреба за зајакнување и трансформирање на вооружените сили на членките на блокот“, рече Фон дер Лајен на Европскиот самит за одбрана и безбедност.
Според неа, ЕУ мора да произведе оружје од новата генерација за да „победи на бојното поле“.
„Европа треба да се стреми да развие и произведе нова генерација на оперативни способности за да победи во битките и да обезбеди доволно материјално количество и технолошка супериорност што можеби ќе и треба во иднина, а тоа значи турбо полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години,“ изјави Фон дер Лајен.
Европа
(Видео) Русите го гранатираа Чернихив, загинаа најмалку 13 лица, Зеленски бара дополнителна помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка по рускиот ракетен напад врз северниот град Чернихив утринава, при што загинаа најмалку 13 лица.
„Ова немаше да дојде до ова доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот тероризам“, објави Зеленски на „Телеграм“.
Министерот за внатрешни работи, Ихор Клименко, во изјава за „Телеграм“ рече дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 се повредени и дека спасувачките операции се во тек.
Во нападот беа оштетени и четири катни згради, болница, образовна институција и десетици автомобили, додаде тој.
Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис „Суспилна“. Тој рече дека три проектили паднале во близина на центарот на градот и дека е оштетена цивилната инфраструктура.
Локалното население е повикано да дарува крв, изјави градоначалникот Олександр Ломако. Чернихив се наоѓа на речиси 150 километри северно од Киев, недалеку од границата со Русија. Кога руските сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, Чернихив беше нападнат, но не беше преземен.