Европа
Европа во Новата година влезе со зајакнати безбедносни мерки
Вообичаено на плоштадите и со огномети во европските престолнини беше дочекана новата 2016 година, меѓутоа и како никогаш досега тоа беше проследено со засилени безбедносни мерки поради терористичките закани, а најдраматично беше во германски Минхен каде поради „веродостојни закани“ беа евакуирани двете градски железнички станици.
Атмосферата на прославите ширум Европа беше од безгрижна до претпазлива, особено во западните престолнини. Стравот и неизвесноста се надвиснаа над многу европски градови, при што поради терористичките закани во Париз и во Брисел беа откажани главните настани.
Повеќе од 100.000 луѓе ги следеа огнометите во Лондон и во другите британски градови, со засилени безбедносни мерки. На традиционалната Хагманеј забавата во шкотскиот главен град Единбург во Новата година се влезе со пораката на британскиот астронаут Тим Пик, кој на собраните им се јави во живо од Меѓународната вселенска станица (ISC).
Традиционалната новогодишна прослава во Париз годинава беше многу поскромна и со големи безбедносни мерки, откако француската престолнина во минатата 2015 година беше сцена на два големи терористички напади, кон средината на јануари и на ноември, во кои беа убиени вкупно повеќе од 145 луѓе. Од безбедносни причини париската полиција го скуси времето во кое граѓаните можеа да дојдат на прославата на авенијата Шанзализе, а огнометот беше откажан.
Кај Триумфалната капија наместо традиционалното ласерско шоу се одржа видео перформанс кој траеше само пет минути пред полноќ. Париската градоначалничка Ан Идалго изјави дека намерата на видеото е да му се испрати порака на светот дека Париз е горд на својот животен стил и на заедничкиот живот. Претходно францускиот претседател Франсоа Оланд ѝ се обрати на нацијата велејќи дека земјата сé уште докрај не се пресметала со тероризмот, шест седмици откако вооружените исламистички терористи на 13-ти ноември убија 130 луѓе на улици, ресторани, кафулиња и концертна сала во Париз.
Поради терористички закани беше откажан огнометот во Брисел, престолнината на Белгија и седиштето на институциите на Европската унија и на НАТО, каде што во врска со париските атентати беше подигнато нивото на тревога од терористички напад до 30-теи декември, а во тој период беа уапсени десетина лица поради сомневања дека се поврзани со терористички ќелии и организирање напади.
Дополнителни полициски сили патролираа и на улиците на Лондон и на Рим, а дополнителни сили и контроли имаше и на прославите на отворено во Мадрид, Истанбул и Москва. Традиционалната прослава на Црвениот плоштад во руската престолнина беше откажана, а на централниот мадридски плоштад Пуерто дел Сол беше дозволено собирање на само 25.000 луѓе.
Германските власти ги засилија контролите по должината на два километра долгата главна авенија во главниот град Берлин, а посетителите на тамошната прослава не смееја да носат ранци и торби. Во Берлин беше откажан огнометот кај Бранденбуршката капија, а се проценува дека повеќе од милион луѓе присуствувале на одбројувањето на последните минути од минатата година.
Најсериозно беше во баварската престолнина Минхен, каде во четвртокот вечерта беше целосно евакуирана главната железничка станица, и уште една во дистриктот Пасинг, поради, како што наведоа властите, веродостојна терористичка закана. На возовите им беше забранет везот во железничката станица во Минхен, којашто инаку е втората по фреквенција на патници и возови во Германија. Според германските медиуми, информацијата дека се подготвува напад од група меѓу пет до седум лица дошла од француските власти. Се наведува, исто така, дека истата информација дошла од неколку различни извори и оти цел на полициската истрага се шест лица. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Фон Дер Лајен: На Европа не и се заканува војна, но треба да бидеме подготвени и да произведуваме оружје
Европа во моментов не се соочува со непосредна закана од војна, но мора да биде подготвена за тоа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Треба да бидеме подготвени и тоа започнува со итната потреба за зајакнување и трансформирање на вооружените сили на членките на блокот“, рече Фон дер Лајен на Европскиот самит за одбрана и безбедност.
Според неа, ЕУ мора да произведе оружје од новата генерација за да „победи на бојното поле“.
„Европа треба да се стреми да развие и произведе нова генерација на оперативни способности за да победи во битките и да обезбеди доволно материјално количество и технолошка супериорност што можеби ќе и треба во иднина, а тоа значи турбо полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години,“ изјави Фон дер Лајен.
Европа
(Видео) Русите го гранатираа Чернихив, загинаа најмалку 13 лица, Зеленски бара дополнителна помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка по рускиот ракетен напад врз северниот град Чернихив утринава, при што загинаа најмалку 13 лица.
„Ова немаше да дојде до ова доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот тероризам“, објави Зеленски на „Телеграм“.
Министерот за внатрешни работи, Ихор Клименко, во изјава за „Телеграм“ рече дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 се повредени и дека спасувачките операции се во тек.
Во нападот беа оштетени и четири катни згради, болница, образовна институција и десетици автомобили, додаде тој.
Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис „Суспилна“. Тој рече дека три проектили паднале во близина на центарот на градот и дека е оштетена цивилната инфраструктура.
Локалното население е повикано да дарува крв, изјави градоначалникот Олександр Ломако. Чернихив се наоѓа на речиси 150 километри северно од Киев, недалеку од границата со Русија. Кога руските сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, Чернихив беше нападнат, но не беше преземен.
Европа
Во Германија уапсени 10 лица: за пари набавувале дозволи за престој на странци
Во Германија денеска во полициска акција се уапсени десет лица осомничени дека за големи суми пари набавувале дозволи за престој во Германија за странци од Кина и арапските земји.
„Главни осомничени се двајца адвокати од Келн, а истрагата се води против 38 можни члена на шверцерската банда и против 147 други лица, кои се занимавале со систематски шверц на луѓе“, се вели во соопштението на полициската управа на град веднаш до Келн, кои ја водат операцијата.
Осомничените се обвинети дека донеле странски државјани во Германија и ги набавиле потребните документи за големи суми пари, од 30 до 350 илјади евра. Осомничените основале фиктивни фирми и лажни адреси со кои се регистрирале лица од странство.
Весникот „Билд“ пишува дека меѓу осомничените има и вработени во неколку канцеларии за странци во регионот Рајнланд-Пфалц, кои издавале дозволи за престој за пари. Еден од нив е меѓу уапсените. Како што е соопштено, за време на рацијата била запленета и голема количина пари. Минатата година, со 300.000 бегалци и баратели на азил, Германија забележа значителен пораст на илегалниот влез во земјата.