Европа
Европската десница смета дека нападите во Париз ги докажуваат нејзините ставови
Многу европски партии од крајната десница сметаат дека тридневните крвави настани во Париз започнати во средата со нападот врз редакцијата на сатиричниот неделник Charlie Hebdo докажаа дека нивните антиимиграциски и антимуслимански ставови се оправдани.
Веднаш по нападот челниците на десницата ги обвинија исламистите дека го покажаа своето вистинско насилно лице, и повикаа на промени на европските имиграциски политики.
„Мораме да ја деисламизираме својата земја. Исламот упорно ги вдахнува убиствата. Револуцијата доаѓа!“, изјави холандскиот популист Геерт Вилдерс. Овој челник на опозициската Слободарска партија (PVV) побара екстрадиција на џихадистите и ставање крај на имиграцијата од муслиманските земји.
Челникот на британската евроскептична партија UHIP, Најџел Фараж, изјави за телевизиите дека како последица на мултикултурализмот еден мал број радикали основале „петта колона“ во европските земји. „Тие луѓе живеат во овие земји, имаат наши пасоши, а не’ мразат“, рече.
И претставниците на новопојавеното германско граѓанско движење Родољубни Европејци против исламизацијата на Западот (Pegida) сметаат дека париските настани ја докажаа исправноста на нејзиниот пат. „Исламистите на коишто Pegida веќе 12 седмици предупредува, во Франција покажаа дека не се способни за демократија, туку дека решението го гледаат во насилството и смртта. Треба ли таква трагедија повторно да се случи и тука во Германија“, објави ова движење на својот профил на Facebook.
Австриската слободарска партија (FPO) побара поактивна политика во борбата против радикализацијата во муслиманската заедница. Речиси 170 австриски државјани им се придружиле на џихадистите од Исламската држава и Фронтот ан-Нусра во Ирак и во Сирија, тврди австриската разузнавачка служба.
Некои од најгласните антиисламски повици во Европа доаѓаат од италијанската Северна лига, опозициската десно ориентирана партија тесно поврзана со француската Националниот фронт (FN). „Итно да ја блокираме тајната инвазија. Да провериме кој, како и зошто ги финансира џамиите и исламските центри“, напиша челникот на Северната лига, Матео Салвини на Facebook во првата реакција на парискиот масакр. Третата италијанска политичка сила бара од муслиманите да го осудат нападот во Париз. „Во Италија наводно има два милиона муслимани. Што тие чекаат, зошто не излезат на улиците во знак на осуда на тој масакр“, напиша Салвини.
Популистичката и националистичка швајцарска Народна партија не се огласи. Само нејзиниот пратеник Валцер Вобман изјави дека неговата земја мора да престане да прифаќа ирачки и сириски азиланти, бидејќи тие можеби се прикриени терористи./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Голем руски напад врз Украина, Полска ги подигна борбените авиони
Руските сили рано утринава ја напаѓаа инфраструктурата во областа Камјанск во близина на украинскиот град Днипро, при што е повредено најмалку едно лице, изјави регионалниот гувернер, додека медиумите во Суспилна објавија дека има експлозии и во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки.
„Непријателот ја нападна критичната инфраструктура во регионот. Главна цел на непријателот е нашиот народ и виталните места за населението“, напиша на Телеграм гувернерот на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак.
Лисак не објасни за каков напад станува збор, но коментаторите на Телеграм известија за употребените проектили и експлозиите во областа. Исто така, наводно имало и прекин во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите од областа. Украинските медиуми јавуваат дека експлозии се слушнале и во Лавов, град на крајниот запад на Украина.
Медиумската куќа Суспилна објави за руски крстосувачки ракети во украинскиот воздушен простор и експлозии во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки и градот Днипро, додавајќи дека не е познато дали проектилите погодиле некоја цел.
Руските сили извршија големи напади врз објектите на енергетската инфраструктура во последните неколку недели, вклучувајќи го и масовниот напад на 22 март, кој Киев го опиша како најголем таков напад од инвазијата на московските сили во февруари 2022 година.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полските и сојузничките авиони биле активирани рано утринава откако Русија извршила ракетни напади врз Украина.
„Полските и сојузничките авиони летаат во полскиот воздушен простор, што може да резултира со зголемени нивоа на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, објави командата на социјалната платформа „Икс“.
Југоисточниот дел на Полска се граничи со Украина, додаде Ројтерс.
Европа
Автобус повторно се преврте на автопат во Германија, патниците биле средношколци
Автобус со околу 60 патници се преврте вчера на автопатот А44 во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија, јавува дпа. Во сообраќајката се повредени над 20 лица, извести полицијата синоќа.
Да потсетиме, ден претходно слична несреќа се случи во Германија кога автобус на „Фликсбас“ се преврте на автопатот во близина на градот Лајпциг на истокот од земјата. Во таа несреќа загинаа четири лица, а над 20 се повредени.
Автобусот излетал од патот и се превртел на страна во близина на градот Верл, 100 километри источно од Дизелдорф. Целосно е затворен делот од 20 километри од автопатот А44 од излезот Уна Ост до Верл во правец на Касел. На местото на несреќата пристигнале полицајци, пожарникари и спасувачки хеликоптер.
Полицијата првично соопшти дека 21 лице е полесно повредено, а едно е тешко. Подоцна, тие ја ревидираат бројката на 20 полесно повредени и еден тешко повреден. Портпаролот на полицијата изјави дека автобусот превезувал ученици од стручно училиште во Варбург кои се враќале од патување во Англија.
Се уште не е јасна причината за несреќата. Полицијата соопшти дека никој не е во животна опасност и дека во несреќата не учествувале други возила. Несреќата се случи само еден ден откако четири лица загинаа во автобуска несреќа во близина на Лајпциг во источна Германија.
Европа
Украина се обидува да ја убеди Индија да застане на страната на Киев, а не на Москва
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја повика Индија да застане со Киев, велејќи дека блиските врски на Индија со Русија се засноваат на избледеното советско наследство, објави денеска Фајненшл тајмс.
Кулеба вчера пристигна во Њу Делхи со цел да ги зајакне врските со Индија, како и да ја промовира визијата на Киев за пат кон мирот во Украина.
Според Ројтерс, Индија традиционално има блиски економски и одбранбени врски со Москва и се воздржува да ја критикува Русија поради нејзината инвазија на Украина. Згора на тоа, купувањето на руска нафта од Индија е на рекордно ниво во последно време.
Кулеба рече дека Индија има многу да добие од проширувањето на трговските и технолошките врски со Украина, поставувајќи го прашањето за улогата на индиските компании во повоената обнова на Украина.
Украина сака да ја „врати трговијата“ со Индија, во форма на извоз на земјоделски производи како што е сончогледовото масло, а самата сака да купи повеќе индиски стоки. „Ние сме заинтересирани да увеземе дел од тешката машинерија што ја произведува Индија“, рече Кулеба.
Украина се надева дека во наредните месеци ќе одржи самит на светските лидери без учество на Русија, со цел да го промовира и зајакне својот план за мир, кој меѓу другото повикува на повлекување на руските трупи од нејзината територија.
Русија ја отфрли таа украинска дипломатска иницијатива.