Европа
Европски парламентарци бараат ЕУ да се спротистави на „руската пропаганда“
Пратениците во Европскиот парламент во резолуцијата усвоена со мнозинство во средата предупредуваат на јакнењето на „непријателската пропаганда“ на Русија против Европската унија и ги повикуваат телата да ги засилат активностите против „ширењето дезинформации“.
Резолуцијата е прифатена со 304 гласови „за“, 179 „против“ и 208 воздржани европарламентарци.
Во резолуцијата, исто така, се осудуваат „медиумите поврзани со Кремљ“ како телевизијата RT, порано Russia Today, и новинската агенција Sputnik дека „шират целосно лажни“ вести се бара од Европската унија да ја зајакне „својата скромна деветочлена служба за стратешка комуникација заснована на сузбивање на дезинформациите“ додека растат тензиите поради судирот во Украина, пренесува агенцијата AFP.
Се додава дека во Европскиот парламент „се сериозно загрижени од брзото ширење од Кремљ на потенцијалните активности во Европа, вклучувајќи ги и дезинформациите и пропагандата со којашто се настојува да се одржи или да се зголеми влијанието на Русија со цел да се слабее и подели ЕУ“.
Европарламентарците предупредуваат дека Кремљ користи „широк дијапазон од инструменти“, вклучително и тинк-тенкови, телевизиите и „псевдо новински агенции за ширење на лажните информации“.
Во резолуцијата се вели и дека од присоединувањето на црноморскиот полуостров Крим на Русија во март 2014 година, што ЕУ го смета за нелегално руско анектирање на украинска територија, Москва ги зајакнале напорите во прашање да ги доведе „демократските вредности, да ја подели Европа, привлекува домашна потпора и создава впечаток за неуспешност на државите во источното соседство на ЕУ“. Се додава и дека наводно Русија „финансира политички партии во ЕУ и поддржува анти-ЕУ сили“, како популистички и партии од крајната десница.
За да се спротистави на кампањата против ЕУ, пратениците сугерираат вложување во подигнувањето на свеста, образованието, онлајн и локалните медиуми, истражувачкото новинарство и информатичката писменост ои би им помогнале на граѓаните критички да им пристапуваат и да ги анализираат медиумските содржини. Исто така, е важно да се прилагоди комуникацијата имајќи ги предвид регионалните специфичности, вклучително и пристапот на информациите на локалните јазици, препорачуваат европратениците.
Резолуцијата, исто така, сугерира продлабочување на соработката меѓу ЕУ и НАТО во стратешката комуникација, зајакнување на одделот на ЕУ за стратешка комуникација и давање поголема поддршка на медиумите во соседните земји на ЕУ.
Известувачката на Европскиот парламент од полската партија на левиот центар ECR, Ана Фотига, за порталот на парламентот пред гласањето оцени дека Русија во настојувањето да оствари влијание во медиумскиот простор во Европа ги користи методите и средствата од периодот на Студената војна.
„Многу нешта се случија по руската агресија во Украина и анексијата на Крим. Тоа навистина е аларм за сите нас. Од нашите позиции во централна и источна Европа, Русија започна да ги менува информациите и да влијае врз медиумскиот пазар многу порано, и продолжи со методите и средствата користени во Студената војна“, тврди Фотига..
ЕО, исто така, предупредува и на пропагандата на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава и на другите терористички групи и ги повикува земјите членки на ЕУ да сторат повеќе за да се спротистават на настојувањата на овие групи да ги радикализираат младите во Европа. Во врска со пропагандата на радикалните исламистички групи, Фотига предупредува дека таа не е насочена само на младите муслимани.
„За жал, не станува збор само за младите муслимани. Со користењето на разните алатки привлекле луѓе кои се од различни генерации и вероисповеди, и ги преобратиле и радикализирале. Се среќавав со претставници од министерството ана државите членки, и можам да кажам дека за политичарите е травматично што младите луѓе можат да се свртат против својот народ“, вели полската известителка./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.