Европа
Фараж во ЕП: Сега не се смеете, нели?!
Европратеникот и челник на британската евроскептична партија UKIP, Најџел Фараж, кој силно го заговараше излегувањето на Обединетото Кралство од Европската унија, на пленарната седница на Европскиот парламент во вторникот порача дека ЕУ и неговата земја треба да склучат договор за слободна трговија, како и дека потоа Британија ќе биде „најдобриот пријател“ на ЕУ, а неговите колеги европратеници со гласно негодување го проследија говорот.
„Зошто не би биле прагматични, разборити, зрели и да склучиме договор за трговија без царини“, рече Најџел Фараж и додаде дека потоа Обединетото Кралство и Европската унија може да бидат пријатели, да тргуваат и да соработуваат, и заклучи дека „ќе ви бидеме најдобрите пријатели на светот“.
„Ако си направите мечкина услуга и ја отфрлите секоја замисла за разборит трговски договор, последиците ќе бидат многу полоши по вас, отколку по нас“, порача Фараж.
Пратениците во Европскиот парламент излагањето на Фараж го дочекаа со големо негодувања, а на сличен начин реагираа неколкупати во текот на неговиот говор. Претседателот на парламентот, Мартин Шулц, во текот на излагањето на Фараж мораше да ги примирува пратениците и да бара да му дозволат на британскиот европратеник да зборува.
„Кога дојдов тука пред 17 години и кога реков дека сакам да ја предводам кампањата за излегување на Британија од Европската унија, сите ми се смеевте. Сега повеќе не се смеете, зарем не?“, им одговори Фараж на пратениците на почетокот од своето излагање.
„UKIP протестираше против естаблишментот, а естаблишментот сега протестира против UKIP“, рече Фараж по едно предупредување од Шулц“. „Знам дека никој од вас во животот никогаш не ја работел вистинската работа, работите кои би создале работни места“, им се обрати Фараж на европратениците.
Фараж, меѓу другото, ги обвини челниците на Европската унија дека „на задната врата“ се обиделе да ја протуркаа политичката унија против волјата на народот, како и дека исходот од британскиот референдум е одговор на таквото однесување.
Фараж додаде и дека предвидува оти Велика Британија не е последната земја којашто ја напушта Европската унија:/крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.