Европа
Франција и Велика Британија со заеднички мерки против илегалната миграција
Франција и Велика Британија во средата најавиле нови мерки со кои ќе се обидат да го спречат влегувањето на илегалните мигранти во тунелот под Ламанш, додека истовремено ги засилуваат полициските акции против криумчарењето од страна на луѓето кои заработуваат на очајничките обиди на бегалците да стигнат до Велика Британија.
Двете земји ќе имаат полициски сили за заеднички „заповеден и надзорен“ центар во француското пристаниште Кале, соопштило британското министерство за внатрешни работи, пренесуваат светските медиуми.
Задачата на новиот центар ќе биде „потрага по злосторничките организации, оневозможувајќи ги во обидите на криумчарење на мигранти во северна Франција и преку Ламанш“, соопштиле од британското министерство.
За Велика Британија и Франција, Кале претставува средиште на широката миграциска криза која беше предизвикана од војната, прогонувањето и бедата на стотици илјади луѓе од Сирија, Либија и некои други земји од Блискиот Исток и Африка.
Десетици илјади бегалци секоја недела пристигнуваат во Италија и Грција, а Германија очекува рекордно зголемување на барателите на азил, односно 800 илјади барања оваа година, објави во средата германската влада. Илјадници бегалци се сместени во импровизиран логор во Кале, а многу од нив секоја ноќ се обидуваат да се качат на камиони или возови, или пак пеш да поминат низ подморскиот тунел до Британија, долг 50 километри.
За новиот центар, под водството на високи француски и британски полициски функционери, ќе бидат одговорни министерствата за внатрешни работи на двете земји. Британската министерка за внатрешни работи Тереза Меј и нејзиниот француски колега Бернард Казнев планот за работата на центарот ќе претстават во четврток во Кале./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.