Европа
Франција: Валс ја призна грешката на правосудството и повика на запирање на странското градење џамии
Францускиот премиер Мануел Валс изјави во петокот дека француското правосудство згрешило кога го пуштило на слобода осомничениот терорист кој подоцна го закла свештеникот во црквата во Руан, и предложи привремено да се запре странското градење џамии во земјата.
Во интервју за дневниот весник Le Monde, премиерот Мануел Валс ја критикува одлуката на судот кој еден од двајцата напаѓачи во Руан го пуштил на слобода со електронски надзор и со услов да може да го напушта домот во период од 8,30 до 12,30 часот, додека го чекал судењето за тероризам.
Францускиот премиер истакнува дека таквата одлука ја донел независниот суд, а не неговата влада.
Валс се соочува со критиките од јавноста поради убиството на свештеникот близу Руан, во Нормандија, како и за претходниот масовен масакр на 84 луѓе во Ница, кој го изврши со камион еден џихадист.
Адел Кермиш, еден од двајцата тинејџери кои во вторникот во црквата во Сент-Етјен-ду-Рувре го убија свештеникот, им бил познат на властите откако во 2015 година двапати се обидел да им се приклучи на џихадистите во Сирија, но бил уапсен во Турција. Меѓутоа, претходно годинава бил пуштен со електричен надзор, и покрај барањето на обвинителот да биде задржан во притвор.
Валс овој потег на судот го нарече „грешка“. „Поради тоа не би требало да се обвинува мојата влада, бидејќи одлуката ја донеле независните судии“, истакнува францускиот премиер.
Кермиш и вториот напаѓач Абдел Малик Птижан беа убиени во полицијата пред црквата во која му го пресекоа гркланот на 86-годишниот свештеник Жак Армел.
И 19-годишниот Птижан од претходно им бил познат на безбедносните служби поради поврзаност со исламистичките милитанти.
Екстремната сунитска организација Исламска држава ја презема одговорноста за нападот во црквата и преку блиската новинска агенција Amaq објави дека двајцата напаѓачи биле нејзини „војници“. Агенцијата објави и видео снимка на којашто Кермиш и Птижан му изразуваат верност на челникот на оваа терористичка групација, Абу Бакр ал-Багдади.
Валс во интервјуто предложува и на неодредено време да се забрани странското финансирање на изградбата на џамии во Франција и се залага за „нови односи со францускиот ислам“, вклучително и имамите да се школуваат во земјата.
„На селафизмот не му е местото во Франција“, истакнува премиерот, алудирајќи на ултраконзервативното реформаторско движење во рамките на сунитскиот ислам. Во Франција живеат околу пет милиони муслимани.
Францускиот премиер поради џихадистичката закана повикува на „револуција во нашата безбедносна култура“. „Секој Французин мора да придонесе за колективната безбедност. Му дојде крајот на времето на невиноста“, истакнува Валс во разговорот за Le Mond./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Бремена жена дошла на редовен преглед, лекарите по грешка и направиле абортус во болница во Прага
Во трагичен инцидент претходно оваа недела, во Универзитетската болница Буловка во Прага 8, дошло до забуна кај лекарите околу две жени кои не биле од Прага, а тоа пак резултирало со абортус на бремена жена без нејзино знаење или желба, пренесуваат тамошните медиуми.
Здравствениот експерт вели дека освен големата негрижа од страна на персоналот, за шокантниот настан придонела и јазичната бариера.
Кобната грешка се случила на 25 март, јавуваат чешките медиуми. Имено, една трудница дошла во болница на редовен преглед на бременоста. Меѓутоа, медицинските сестри, лекарите, гинеколозите и анестезиолозите ја помешале со друга трудница, која имала закажана киретажа (метод на абортус).
Така бремената мајка била ставена под општа анестезија и лекарите по грешка и направиле абортус.
„Министерството за здравство изразува најдлабоко жалење до пациентот и целото семејство“, рече портпаролот на министерството Онџеј Јакоб во соопштението за печатот во четвртокот.
„Имаше непростлива човечка грешка, а одговорните се разрешени“, додаде тој.
Од самата болница за информативниот портал „Novinki.cz“ изјавија дека се подготвени да платат отштета.
Според чешките медиуми и двете пациентки биле странски државјани кои живееле во Чешка.
Официјалните лица не објавија никакви информации за идентитетот на жените.
Европа
Голем руски напад врз Украина, Полска ги подигна борбените авиони
Руските сили рано утринава ја напаѓаа инфраструктурата во областа Камјанск во близина на украинскиот град Днипро, при што е повредено најмалку едно лице, изјави регионалниот гувернер, додека медиумите во Суспилна објавија дека има експлозии и во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки.
„Непријателот ја нападна критичната инфраструктура во регионот. Главна цел на непријателот е нашиот народ и виталните места за населението“, напиша на Телеграм гувернерот на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак.
Лисак не објасни за каков напад станува збор, но коментаторите на Телеграм известија за употребените проектили и експлозиите во областа. Исто така, наводно имало и прекин во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите од областа. Украинските медиуми јавуваат дека експлозии се слушнале и во Лавов, град на крајниот запад на Украина.
Медиумската куќа Суспилна објави за руски крстосувачки ракети во украинскиот воздушен простор и експлозии во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки и градот Днипро, додавајќи дека не е познато дали проектилите погодиле некоја цел.
Руските сили извршија големи напади врз објектите на енергетската инфраструктура во последните неколку недели, вклучувајќи го и масовниот напад на 22 март, кој Киев го опиша како најголем таков напад од инвазијата на московските сили во февруари 2022 година.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полските и сојузничките авиони биле активирани рано утринава откако Русија извршила ракетни напади врз Украина.
„Полските и сојузничките авиони летаат во полскиот воздушен простор, што може да резултира со зголемени нивоа на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, објави командата на социјалната платформа „Икс“.
Југоисточниот дел на Полска се граничи со Украина, додаде Ројтерс.
Европа
Автобус повторно се преврте на автопат во Германија, патниците биле средношколци
Автобус со околу 60 патници се преврте вчера на автопатот А44 во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија, јавува дпа. Во сообраќајката се повредени над 20 лица, извести полицијата синоќа.
Да потсетиме, ден претходно слична несреќа се случи во Германија кога автобус на „Фликсбас“ се преврте на автопатот во близина на градот Лајпциг на истокот од земјата. Во таа несреќа загинаа четири лица, а над 20 се повредени.
Автобусот излетал од патот и се превртел на страна во близина на градот Верл, 100 километри источно од Дизелдорф. Целосно е затворен делот од 20 километри од автопатот А44 од излезот Уна Ост до Верл во правец на Касел. На местото на несреќата пристигнале полицајци, пожарникари и спасувачки хеликоптер.
Полицијата првично соопшти дека 21 лице е полесно повредено, а едно е тешко. Подоцна, тие ја ревидираат бројката на 20 полесно повредени и еден тешко повреден. Портпаролот на полицијата изјави дека автобусот превезувал ученици од стручно училиште во Варбург кои се враќале од патување во Англија.
Се уште не е јасна причината за несреќата. Полицијата соопшти дека никој не е во животна опасност и дека во несреќата не учествувале други возила. Несреќата се случи само еден ден откако четири лица загинаа во автобуска несреќа во близина на Лајпциг во источна Германија.