Европа
Француската полиција во шумите на Пикардија трага по осомничените без резултат
Тешко вооружени припадници на антитерористичките единици на француската полиција во четвртокот навечер ги пребаруваат шумите и околните села североисточно од Париз во потрага по двајцата браќа Каши осомничени за убиството на 12-те луѓе во средата во нападот на редакцијата на францускиот сатиричен неделник Charlie Hebdo во центарот на француската престолнина, а потрагата во областа Ене е завршена без резултати.
Операцијата на пребарување во реоните на градовите Вилер-Котре, во департаментот Ене, и Карпи-ан-Валуа, во Оази, во областа Пикардија, ја спроведуваат неколку стотици полицајци, вклучително специјални сили на полицијата и жандармеријата Raid и GIGN.
Со хеликоптерска поддршка од воздух, меѓу дваесет и триесет полицајци учествуваат во претреси на куќи и имоти во Корси, село оддалечено неколку километри од бензинската пумпа на којашто во четвртокот биле забележани маскираните браќа Саид и Шериф Каши. Бегалците се Французи од алжирско потекло, 32 и 34 годишниот, а помладиот Шариф бил од претходно познат на полицијата бидејќи пред десет години бил уапсен при обидот да замине во Ирак каде сакал да се бори на страна на сунитските џихадисти, поради што година ипол минал во затвори. Исто така, бил следен и поради учество во мрежа за регрутирање радикални исламисти за борбите на Блискиот исток.
Се пребаруваат и куќи во блиското село во Лонгпон, сместено во густа шума околу 70 километри северно од Париз. „Не станува збор за обрач, не ги пронајдовме. Постојат дојави од очевидци кои дојдовме да ги провериме“, изјави за AFP неименуван функционер на министерството за внатрешни работи во Париз.
Операцијата на француската полиција во департмантот Ене во северна Франција, каде што се претпоставува дека би можеле да се кријат напаѓачите, завршила без резултати, јави телевизијата BFMTV повикувајќи се на безбедносни извори. Според извори, во оваа област биле извршени голем број претреси, но осомничените не се откриени. Во меѓувреме, додал, сека големи полициски сили продолжуваат да ја контролираат областа се подготвени да дејствуваат доколку е потребно.
Во Париз во четвртокот наутро беше убиена и полицајка во престрелка со вооружено лице коешто носело панцирен елек. Полицијата засега не знае дали тој инцидент е поврзан со масакрот во редакцијата на неделникот, но е отворена уште една истрага поради тероризам. Полицајката којашто со колега одела кон место на сообраќајна несреќа биле цел на напаѓачот кој прв почнал да пука кон нив.
Според исказите на очевидците, напаѓачот побегнал со автомобил „рено клио“, а полициски извори истакнале дека имал панцирен елек, пиштол и автоматска пушка. Полицаецот кој бил блиску до местото на напаѓачот изјавил дека напаѓачот не наликувал на осомничените за масакрот Charlie Hebdo.
Во цела Франција мерките за безбедност се подигнати на највисокото ниво, особено на аеродромите и станиците во автобускиот и железничкиот сообраќај, верските објекти, редакциите на медиумите и големите трговски центри. Министерството за одбрана објави дека упатило 200 припадници на неговите специјални сили во Париз, на чии улици патролираат во моментов 850 војници.
Низ цела Франција и Европа се одржани бдеења во спомен на убиените членови на редакцијата на неделникот и во знак на поддршка на слободата на говорот и медиумите, а многу европски печатени медиуми ја објавија карикатурата поради која цел на напади беше францускиот неделник.
Британскиот Daily Telegraph објави карикатура на која се прикажани двајца маскирани напаѓачи кои пред вратата на Charlie Hebdo меѓусебно се предупредуваат – „биди внимателен можеби имаат пенкала“.
Адвокатот на неделникот, Ришар Малка, најави дека Charlie Hebdo ќе излезе следната среда во тираж од милиони примероци, иако досега вообичаено се печатеше во 60.000 парчиња./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Голем руски напад врз Украина, Полска ги подигна борбените авиони
Руските сили рано утринава ја напаѓаа инфраструктурата во областа Камјанск во близина на украинскиот град Днипро, при што е повредено најмалку едно лице, изјави регионалниот гувернер, додека медиумите во Суспилна објавија дека има експлозии и во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки.
„Непријателот ја нападна критичната инфраструктура во регионот. Главна цел на непријателот е нашиот народ и виталните места за населението“, напиша на Телеграм гувернерот на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак.
Лисак не објасни за каков напад станува збор, но коментаторите на Телеграм известија за употребените проектили и експлозиите во областа. Исто така, наводно имало и прекин во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите од областа. Украинските медиуми јавуваат дека експлозии се слушнале и во Лавов, град на крајниот запад на Украина.
Медиумската куќа Суспилна објави за руски крстосувачки ракети во украинскиот воздушен простор и експлозии во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки и градот Днипро, додавајќи дека не е познато дали проектилите погодиле некоја цел.
Руските сили извршија големи напади врз објектите на енергетската инфраструктура во последните неколку недели, вклучувајќи го и масовниот напад на 22 март, кој Киев го опиша како најголем таков напад од инвазијата на московските сили во февруари 2022 година.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полските и сојузничките авиони биле активирани рано утринава откако Русија извршила ракетни напади врз Украина.
„Полските и сојузничките авиони летаат во полскиот воздушен простор, што може да резултира со зголемени нивоа на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, објави командата на социјалната платформа „Икс“.
Југоисточниот дел на Полска се граничи со Украина, додаде Ројтерс.
Европа
Автобус повторно се преврте на автопат во Германија, патниците биле средношколци
Автобус со околу 60 патници се преврте вчера на автопатот А44 во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија, јавува дпа. Во сообраќајката се повредени над 20 лица, извести полицијата синоќа.
Да потсетиме, ден претходно слична несреќа се случи во Германија кога автобус на „Фликсбас“ се преврте на автопатот во близина на градот Лајпциг на истокот од земјата. Во таа несреќа загинаа четири лица, а над 20 се повредени.
Автобусот излетал од патот и се превртел на страна во близина на градот Верл, 100 километри источно од Дизелдорф. Целосно е затворен делот од 20 километри од автопатот А44 од излезот Уна Ост до Верл во правец на Касел. На местото на несреќата пристигнале полицајци, пожарникари и спасувачки хеликоптер.
Полицијата првично соопшти дека 21 лице е полесно повредено, а едно е тешко. Подоцна, тие ја ревидираат бројката на 20 полесно повредени и еден тешко повреден. Портпаролот на полицијата изјави дека автобусот превезувал ученици од стручно училиште во Варбург кои се враќале од патување во Англија.
Се уште не е јасна причината за несреќата. Полицијата соопшти дека никој не е во животна опасност и дека во несреќата не учествувале други возила. Несреќата се случи само еден ден откако четири лица загинаа во автобуска несреќа во близина на Лајпциг во источна Германија.
Европа
Украина се обидува да ја убеди Индија да застане на страната на Киев, а не на Москва
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја повика Индија да застане со Киев, велејќи дека блиските врски на Индија со Русија се засноваат на избледеното советско наследство, објави денеска Фајненшл тајмс.
Кулеба вчера пристигна во Њу Делхи со цел да ги зајакне врските со Индија, како и да ја промовира визијата на Киев за пат кон мирот во Украина.
Според Ројтерс, Индија традиционално има блиски економски и одбранбени врски со Москва и се воздржува да ја критикува Русија поради нејзината инвазија на Украина. Згора на тоа, купувањето на руска нафта од Индија е на рекордно ниво во последно време.
Кулеба рече дека Индија има многу да добие од проширувањето на трговските и технолошките врски со Украина, поставувајќи го прашањето за улогата на индиските компании во повоената обнова на Украина.
Украина сака да ја „врати трговијата“ со Индија, во форма на извоз на земјоделски производи како што е сончогледовото масло, а самата сака да купи повеќе индиски стоки. „Ние сме заинтересирани да увеземе дел од тешката машинерија што ја произведува Индија“, рече Кулеба.
Украина се надева дека во наредните месеци ќе одржи самит на светските лидери без учество на Русија, со цел да го промовира и зајакне својот план за мир, кој меѓу другото повикува на повлекување на руските трупи од нејзината територија.
Русија ја отфрли таа украинска дипломатска иницијатива.