Европа
Француски министер тврди дека во земјата има стотици населби како бриселски Моленбек
Во Франција постојат најмалку стотина населби кои функционираат како и бриселското предградие Моленбек, коешто стана упориште на голем број исламистички терористи, изјави Патрик Каннер, министер за урбани прашања, млади и спорт, додека сенаторката Натали Гуле откри дека француската полиција под надзор има девет илјади потенцијални радикали, од кои барем половината се конвертити во верата.
„Во Моленбек е концентриран проблемот на сиромаштијата и невработеноста, тоа е систем во чии рамки изникна изолирана заедница со сопствена идеологија. Тоа е мафијашка шема со своја подземна економија. Станува збор за кварт во кој практично престанал да дејствува системот на социјална заштита, кој претставниците на власта го испуштиле од рацете“, изјави министерот Патрик Каннер.
Признава дека во Франција во моментов постојат „стотина квартови кои имаат значителни сличности со Моленбек“. Но притоа истакнува дека „сепак има и значителни разлики во однос на ситуацијата, бидејќи француските власти се обидуваат да го фатат бикот за роговите“.
Одговарајќи на новинарско прашање, Каннер не негира дека „бунтовите во редица населби на француските градови во 2005 година доста придонесоа за натамошно ширење на салафизмот во нив“. „Овие настани негативно влијаеја врз дел од младината што веднаш го искористија ‘предаторите’ кои се населиле во тие квартови“, вели Каннер мислејќи на радикалните верски проповедници и оние кои регрутираат терористи.
Претходно копретседателката на комитетот за следење на џихадистичките мрежи во Европа, француската парламентарка Натали Гуле, за агенцијата Sputnik потврди дека француската полиција ставила под надзор околу 9.000 млади луѓе поради стравувањата дека можат да дадат поддршка на радикалните движења.
„Млади луѓе кои се на работ од радикализирање и сé уште се наоѓаат во Франција ставени се под надзор. Ги има повеќе од девет илјади, при што 50 отсто од нив ја промениле својата религија, односно од христијанство минале во ислам“, прецизира Гуле.
Истакна дека напорите да се спречи врбувањето на младите во редовите на џихадистите мора да се преземат уште на училишна возраст. Процесот на дерадикализрање на младите во Франција е „долга долга работа, која што невозможно е да се оствари преку ноќ“, додава Гуле.
Според некои претходни процени, Франција е водечка меѓу земјите од Европската унија според бројноста на радикално настроените граѓани кои заминале на боиштето во Сирија. Според податоците на институтот за оцена на ризиците Aon, во Сирија од април 2014 година заминале околу 1.200 Французи, кои стапиле во редовите на екстремните исламистички групи./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.