Европа
Францускиот претседател призна дека постои проблемот со исламот
Францускиот претседател Франсоа Оланд во својата книга, чиишто делови беа објавени во средата, признава дека во француското општество постои „проблем со исламот“ и дека имиграцијата мора да биде зауздена, пренесува AFP.
„Исламот не претставува проблем во смисла дека тоа е религија којашто е опасна самата посебе, туку е проблем затоа што се сака да биде афирмирана како религија во Француската Република“, пишува францускиот претседател Франсоа Оланд во книгата под наслов „Претседателот не би требало тоа да го каже“.
Во разговор со новинарите на парискиот дневен весник Le Monde, Оланд, исто така, вели дека „со исламот постои проблем, бидејќи исламот изискува свети места и признание“.
Во други делови од книгата, францускиот претседател вели дека смета оти „има преголем број доаѓања, имиграција којашто не би смеела да се случува“.
Имиграцијата и националниот идентитет се главните теми во кампањите за претстојните француски претседателски избори следната година. Низата исламистички напади во Франција во последните две години, како и мигрантската криза којашто силно ја заплисна Европа го поттикнаа нерасположението кон доселениците, што резултираше со историски пораст на популарноста на француската крајна десница, Марин Лепен.
Социјалистот Холанд, чијашто историска непопуларност го достигна врвот, сé уште не се изјаснува дали ќе се кандидира за уште еден претседателски мандат, меѓутоа неговиот главен ривал, поранешниот претседател Николас Саркози, кој се обидува да ја освои претседателската номинација на конзервативната партија Републиканци, голем акцент става токму на прашањето на имиграцијата.
Во неделата Саркози потврди дека,доколку биде избран, ќе распише референдум и ќе побара до Французите да се изјаснат дали го поддржуваат укинувањето на правата за неевропските државјани да им се придружат на членовите на семејствата во Франција, што е еден од главните начини за влегување на имигрантите во земјата./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.