Европа
Германија: Масовните сексуални напади на жените во Келн не се случајност
Германскиот министер за правосудство Хајко Мас, потврди во средата дека на новогодишната прослава во Келн се регистрирани низа сексуални напади врз жени кои не се случајност туку станува збор за координирана акција, во којашто, како што е заклучено, учествуваат мажи од северноафриканско потекло, истовремено кога беше официјално објавено дека Германија во текот на 2015 година примила 1,1 милион баратели на азил.
„Се чини дека целата работа е координирана“, изјави за ZDF германскиот министер за правосудство Хајко Мас, додавајќи дека е малку веројатно дека 90 сексуални напади во една вечер во Келн, вклучително и едно силување, се чиста случајност.
Покрај тоа, се наведува дека безредијата започнале кога група од околу илјада лица се поделила и потоа систематски биле изделувани од групата која славела жените кои биле опколувани, сексуално злоставувани и ограбувани.
Масовните напади, кои се извршени околу полноќ во близина на главната железничка станица во Келн, како што може да се заклучи од сведоштвата и податоците од полицијата, биле извршени од лица по потекло од Северна Африка, а слични злосторства се изведен и во Хамбург, каде се пријавени 27 сексуални напади во еден ден. Слични напади се регистрирани во Штутгарт, пишува агенцијата DPA.
Иако засега не се знае дали станува збор за ново придојдените имигранти или, пак, за втората генерација на доселениците, нападите врз жените предизвикаа усвитена дебата за последиците од дозволувањата за масовен и неограничен влез на имигрантите во Германија минатата година.
Поединостите особено околу идентитетот на напаѓачите, вклучително и на петте приведени во новогодишната ноќ во Келн, се штури, бидејќи поради „чувствителната природа на истрагата“ полицијата одбива на јавноста да ѝ даде повеќе податоци.
На удар на жестоки критики се најде особено градоначалничката на Келн, Хенриете Рекер, која во ланската предизборна кампања се залагаше за политиката на широко отворени врати за имигрантите, а сега на своите сограѓанки им сугерираше „да го прилагодат своето однесување“.
Поради тоа огромен број луѓе веднаш на социјалните мрежи ја покренаа тела со „хаштагот“ #EineArmlaenge (на пристојна оддалеченост), напаѓајќи ја градоначалничката Рекер и нејзината препорака жените да се држат на безбедна оддалеченост од странците, како и да не се издвојуваат, туку да се држат во групи.
Поради тоа е обвинета и дека вината за нападите ја префрла врз жртвите, односно жените, наместо да ја зајакне безбедноста на улиците, односно напаѓачите да ги изведе пред правдата.
Германија примила 1,1 милион лица кои бараат азил во текот на 2015 година соопшти во средата Сојузното биро за миграции и бегалци.
„Во 2015 година на сојузно ниво забележени се приближно 1,1 милиони барања за азил“, објави бирото истакнувајќи дека станува збор за рекордна година во текот на којашто се регистрирани пет пати повеќе барања за азил во однос на претходната рекордна 2014 година./крај/мф/сн
Извор: DPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.