Европа
Германија пак го отфрли грчкото барање за репарација, Атина ќе запленува имот
Германската влада уште еднаш го отфрли грчкото барање за плаќање на воена репарација за штетите сторени во Втората светска војна во текот на нацистичката окупација, изјави во вторникот владиниот портпарол во Берлин, откако во претходно во вторникот навечер грчкиот парламент одлучи да ја продолжи процедурата за барање воена отштета. Истовремено германската партија Левица го поддржа барањето на Атина која се закани и со заплена на германски имот во Грција.
„Германската сојузна влада остро го отфрла грчкото барање за исплата на милијарди евра репарација. Прашањето на репарацијата и отштетата опсежно и конечно е разјаснето во правна и во политичка смисла. Тоа се однесува на сите различни прашања кои секогаш одново се поставуваат“, изјави владиниот портпарол Штефан Зајберт.
Барањето репарација од Втората светска војна е идеја којашто потекна од претходната конзервативна влада на Антонис Самарас од 2013 година, но не беше упорна во овој процес. Берлин неколкупати одговори дека воената отштета со Грција е решено прашање.
На почетокот од февруари, кога ова прашање повторно го отвори новата влада во Атина, германскиот вицеканцелар и министер за економија, Зигмар Габриел, одлучно ја отфрли ваквата можност. „Веројатноста на Грција да и’ исплатиме отштета е нула“, рече Габриел додавајќи дека пред 25 години е потпишан договор кој ги оневозможува таквите барања од грчка страна.
Германија од крајот на војната во 1946 година, според договорот и’ ги исплатила репарациите на Грција, и активно го поддржала обновувањето на земјата, појасни во неколку наврати изминатите години Берлин. Германија и’ платила на Грција во 1960 година, 115 милиони тогашни германски марки (67 милиони тогашни американски долари) за штетата предизвикана од окупацијата во периодот од 1941 до 1944 година, кога стотици илјади луѓе во Грција починале од глад или биле убиени. Грчките влади, пак, смета дека овие исплати се несоодветни.
„Спогодбата за конечно решение со обѕир на Германија“, попознат како „Спогодбата два плус четири“, којашто во септември 1990 година, непосредно пред обединувањето на Германија, го потпишаа тогашните Западна и Источна Германија и четирите земји сојузнички од Втората светска војна. Со тој документ, што го потпишала и Грција, повлечена е линија под можните идни барања кон Германија за воена отштета, вклучително и за тоа што тогашната грчка централна банка била принудена да им даде пари на нацистите.
Грција во вторникот дека парламентарна комисија треба да ја процени висината на бараните репарации, а во средата во Атина со износ до 332 милијарда евра. Грција министерството правосудство се закани дека, доколку Германија го одбие барањето, ќе ги запленува германските недвижнини во Грција. Станува збор за зградата на Гете институтот во Атина, Германскиот археолошки институт и германските училишта во Атина и во Солун.
Зајберт не сакаше за медиумите да ги коментира ваквите закани, а портпаролот на германското министерство за финансии Мартин Јагер ја отфрли можноста за разговори за оваа тема. „За тоа прашање нема да водиме разговори ниту преговори со грчката страна“, порача Јагер.
Германската партија Левица, во меѓувреме, го поддржа грчкото барање. „Оправдани се барањата на грчката влада. Морална обврска на Германија е да го плати износот, па дури и доколку и постојат различни меѓународни правни мислења за тоа“, изјави во средата пратеничката на оваа партија во Бундестагот и претседателка на германско-грчката парламентарна група Анете Рот, барајќи германската влада за тоа прашање да пронајде решение заедно со грчката. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Голем руски напад врз Украина, Полска ги подигна борбените авиони
Руските сили рано утринава ја напаѓаа инфраструктурата во областа Камјанск во близина на украинскиот град Днипро, при што е повредено најмалку едно лице, изјави регионалниот гувернер, додека медиумите во Суспилна објавија дека има експлозии и во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки.
„Непријателот ја нападна критичната инфраструктура во регионот. Главна цел на непријателот е нашиот народ и виталните места за населението“, напиша на Телеграм гувернерот на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак.
Лисак не објасни за каков напад станува збор, но коментаторите на Телеграм известија за употребените проектили и експлозиите во областа. Исто така, наводно имало и прекин во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите од областа. Украинските медиуми јавуваат дека експлозии се слушнале и во Лавов, град на крајниот запад на Украина.
Медиумската куќа Суспилна објави за руски крстосувачки ракети во украинскиот воздушен простор и експлозии во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки и градот Днипро, додавајќи дека не е познато дали проектилите погодиле некоја цел.
Руските сили извршија големи напади врз објектите на енергетската инфраструктура во последните неколку недели, вклучувајќи го и масовниот напад на 22 март, кој Киев го опиша како најголем таков напад од инвазијата на московските сили во февруари 2022 година.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полските и сојузничките авиони биле активирани рано утринава откако Русија извршила ракетни напади врз Украина.
„Полските и сојузничките авиони летаат во полскиот воздушен простор, што може да резултира со зголемени нивоа на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, објави командата на социјалната платформа „Икс“.
Југоисточниот дел на Полска се граничи со Украина, додаде Ројтерс.
Европа
Автобус повторно се преврте на автопат во Германија, патниците биле средношколци
Автобус со околу 60 патници се преврте вчера на автопатот А44 во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија, јавува дпа. Во сообраќајката се повредени над 20 лица, извести полицијата синоќа.
Да потсетиме, ден претходно слична несреќа се случи во Германија кога автобус на „Фликсбас“ се преврте на автопатот во близина на градот Лајпциг на истокот од земјата. Во таа несреќа загинаа четири лица, а над 20 се повредени.
Автобусот излетал од патот и се превртел на страна во близина на градот Верл, 100 километри источно од Дизелдорф. Целосно е затворен делот од 20 километри од автопатот А44 од излезот Уна Ост до Верл во правец на Касел. На местото на несреќата пристигнале полицајци, пожарникари и спасувачки хеликоптер.
Полицијата првично соопшти дека 21 лице е полесно повредено, а едно е тешко. Подоцна, тие ја ревидираат бројката на 20 полесно повредени и еден тешко повреден. Портпаролот на полицијата изјави дека автобусот превезувал ученици од стручно училиште во Варбург кои се враќале од патување во Англија.
Се уште не е јасна причината за несреќата. Полицијата соопшти дека никој не е во животна опасност и дека во несреќата не учествувале други возила. Несреќата се случи само еден ден откако четири лица загинаа во автобуска несреќа во близина на Лајпциг во источна Германија.
Европа
Украина се обидува да ја убеди Индија да застане на страната на Киев, а не на Москва
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја повика Индија да застане со Киев, велејќи дека блиските врски на Индија со Русија се засноваат на избледеното советско наследство, објави денеска Фајненшл тајмс.
Кулеба вчера пристигна во Њу Делхи со цел да ги зајакне врските со Индија, како и да ја промовира визијата на Киев за пат кон мирот во Украина.
Според Ројтерс, Индија традиционално има блиски економски и одбранбени врски со Москва и се воздржува да ја критикува Русија поради нејзината инвазија на Украина. Згора на тоа, купувањето на руска нафта од Индија е на рекордно ниво во последно време.
Кулеба рече дека Индија има многу да добие од проширувањето на трговските и технолошките врски со Украина, поставувајќи го прашањето за улогата на индиските компании во повоената обнова на Украина.
Украина сака да ја „врати трговијата“ со Индија, во форма на извоз на земјоделски производи како што е сончогледовото масло, а самата сака да купи повеќе индиски стоки. „Ние сме заинтересирани да увеземе дел од тешката машинерија што ја произведува Индија“, рече Кулеба.
Украина се надева дека во наредните месеци ќе одржи самит на светските лидери без учество на Русија, со цел да го промовира и зајакне својот план за мир, кој меѓу другото повикува на повлекување на руските трупи од нејзината територија.
Русија ја отфрли таа украинска дипломатска иницијатива.