Европа
Германија викендов очекува уште 40.000 мигранти
Германија очекува 40 илјади нови бегалци да пристигнат на нејзина територија во текот на претстојниот викенд, изјави во петокот во чешката престолнина Прага, германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер, нарекувајќи го тоа „можеби најголемиот предизвик во историјата на Европската унија“, додека Унгарија стравува дека до крајот на годинава меѓу 400 и 500 илјади бегалци ќе влезат во оваа земја, пренесуваат агенциите.
Изнесувајќи ги „новите драматични бројки“, шефот на германската дипломатија изјави дека „и покрај добрата волја на германскиот народ, неговите капацитети слабеат“ и појасни дека со предизвикот од мигрантската криза не може да „управува само една земја“. „Потребна е европската солидарност“, изјави Франк-Валтер Штајнмаер, по средбата со колегите министри за надворешни работи на земјите од ткн Вишеградска група, односно Унгарија, Полска, Чешка и Словачка.
Неговите соговорници повторно ги одбија задолжителните квоти за прифаќање на мигрантите коишто ги предлага Европската комисија, а ги поддржува Германија.
„Доколку ги затвориме границите, ќе ги предадеме нашите вредности“, инсистира Штајнамер додавајќи дека „мораме да изнајдеме заедничко европско решение, тоа е единствената можност“.
Земјите од Вишеградската група сакаат да помогнат на одреден број бегалци, но ги одбиваат мигрантските квоти кои сака да ги наметне Европската унија, изјави шефот на чешката дипломатија Лубомир Заоралек, на прес-конференцијата.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сјарто очекува дека во неговата земја може да влезат меѓу 400 до 500 илјади бегалци до крајот на годинава. Досега во 2015 година забележано е влегувањето на 170.000 мигранти во Унгарија.
Сјарто најави дека Будимпешта е подготвена да биде домаќин на конференција посветена на соработката во мигрантската криза меѓу земјите од Европската унија и балканските земји кои не се во ЕУ, Македонија и Србија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Кремљ за евентуалното блокирање на „Телеграм“: „Сè повеќе станува алатка во рацете на терористите“
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека во моментот не се планира блокирање на социјалната мрежа „Телеграм“ во Русија.
„Не, во моментот нема такви планови“, изјави Песков за каналот „Шот“ на прашањето дали Русија планира да го блокира „Телеграм“.
Тој додаде дека основачот на оваа платформа, Павел Дуров, треба повеќе да внимава како се користи оваа социјална мрежа.
„Секако, би очекувале поголемо внимание од Павел Дуров бидејќи овој уникатен и феноменален ресурс од технолошки аспект, кој порасна, всушност, пред очите на нашата генерација сè повеќе станува алатка во рацете на терористите, се користи за терористички цели“, рече портпаролот на Кремљ, пренесува „РИА новости“.
Како што изјави во средата за „РИА новости“ извор запознаен со ситуацијата, сторителите на терористичкиот напад во предградието на Москва биле регрутирани преку каналот на „Телеграм“, „Глас Хорасан“, сопственост на авганистанското крило на Исламската држава.
Пратеникот на државната Дума од Обединета Русија, Олег Морозов, денеска оцени дека е неопходно да се развие механизам за автоматско блокирање на каналите на „Телеграм“, кои регрутираат терористи користејќи клучни зборови користејќи вештачка интелигенција.
Европа
Шолц: Мирот во Украина е можен во секој момент, само ако Путин ги повлече своите војници
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави денеска дека мирот во Украина е можен во секој момент доколку рускиот претседател Владимир Путин ја прекине својата, како што наведе, варварска кампања и ги повлече војниците.
Шолц за „Маркише Агемајне цајтунг“ изјави дека секогаш имало иницијативи за посредување.
„На пример, веднаш по избувнувањето на војната, Русија и Украина директно преговараа меѓу себе. Преговорите потоа пропаднаа затоа што Русија ги искористи само како изговор за истовремено да ги премести своите трупи на исток за голема офанзива“, посочи тој.
Како што тврди, токму тогаш на виделина излегле масакрите во Буча и Ирпин, злосторства против човековите права извршени од страна на руските вооружени сили врз цивилното население, со што разговорите се лишени од секаква основа, пренесува медиумот.
„Малку подоцна се разговараше за договорот за жито, со успех. За жал, Путин во одреден момент повторно го откажа“, додаде Шолц.
Тој изјави дека имало разговори и за безбедноста во нуклеарната централа „Запорожје“ и за размена на затвореници.
„Голем број земји, вклучително и Украина, во моментот разговараат на ниво на советници за безбедност за тоа што би можело да изгледа како нешто што може да доведе до мировен процес, но дозволете ми да бидам многу јасен: мирот е можен во секое време. Путин само треба да стави крај на неговата варварска кампања и да ги повлече трупите“, истакна Шолц.
Европа
В недела голем тест за Ердоган: ќе успее ли „султанот на Турција“ повторно да ја освои власта во Истанбул и Анкара
В недела во Турција ќе се одржат општински избори, а во оваа пригода партијата на претседателот Реџеп Таип Ердоган (АКП) ќе се обиде да ја врати контролата врз Истанбул и Анкара, градови што гласаа против АКП во 2019 година.
Аналитичарите тврдат дека овие избори ќе бидат мерка за поддршка на Ердоган на национално ниво, но и за силата на опозицијата, особено на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу. Според „Ројтерс“, се очекува тесна трка за градот Босфор, кој е дом на повеќе од 16 милиони луѓе и придонесува повеќе од една четвртина од националниот БДП.
На последното локално гласање во 2019 година главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) го изненади Ердоган кога преовлада во Истанбул и Анкара ставајќи крај на повеќе од две децении владеење на АКП и нејзините исламистички претходници.
Главниот противник на актуелниот градоначалник на Истанбул, пратеникот на ЦХП, Имамоглу, е членот на АКП, Мурат Курум, поранешен министер во кабинетот, а анкетите покажуваат мала предност за Имамоглу. Анкетите велат дека актуелниот градоначалник на Анкара, Мансур Јавас, е далеку пред противникот на АКП, Тургут Алтинок, поранешен претседател на општина во тој град.
Речиси 11 милиони луѓе имаат право на глас во Истанбул, според Врховниот изборен совет. Одѕивот на општите и локалните избори е многу висок во Турција, речиси 90 проценти. Минатиот мај Ердоган беше реизбран за претседател и неговата алијанса освои мнозинство во парламентот на тесни општи избори, резултат што, според „Ројтерс“, ја поделил и деморализирал алијансата ЦХП и другите опозициски партии.
Буџетот на Истанбул е многу поголем од сите други 80 града во земјата со 516 милијарди лири (16,05 милијарди долари) во 2024 година вклучувајќи ги и нејзините подружници, а буџетот за главниот град Анкара, од друга страна, е 92 милијарди лири.
Освен во Истанбул и Анкара, резултатите се очекува да бидат блиски и во градовите Бурса, Адана и Анталија. В недела Турција ќе гласа и во другите 79 провинции во земјата за лидери и окружни шефови на провинции, окружни совети и локални администратори.