Европа
Германската влада го именува како геноцид отоманскиот масакр над Ерменците
Владата на германската канцеларка Ангела Меркел најави во понеделникот дека масакрот над Ерменците во текот на Првата светска војна во Отоманското царство пред сто години, има намера да го именува со геноцид, пренесува агенцијата DPA повикувајќи се на германски парламентарец.
Штефан Зајберт, портпарол на канцеларката Ангела Меркел, изјави дека владата ќе ја поддржи резолуцијата која во петок ќе ја поднесат пратениците од конзервативната партија на христијанските демократи CDU и нивните коалициска партнери во власта социјалдемократите од SPD.
„Владата го поддржува нацртот на резолуцијата во која стои дека судбината на Ерменците во текот на првата светска војна е историски пример на масовни убиства, етничко чистење, прогон и геноцид во XX век“, рече Зајберт.
Германија, за волја на вистината, во текот на Првата светска војна, беше сојузник со Османлиска Турција.
Германските медиуми очекуваат и дека претседателот Јоаким Гаук ќе го употреби токму терминот геноцид на литургијата по тој повод планирана за четврток во Берлин.
Ваквата одлука на Берлин, кој порано одбиваше да го именува како геноцид колежот над Ерменците пред еден век, веројатно дополнително ќе ги залади односите меѓу Турција и Германија. Турските челници, меѓу кои и претседателот Реџеп Тајип Ердоган, признаваат дека се склучил масакр, но го отфрлаат неговото квалификување како геноцид.
Турскиот премиер Ахмет Давутоглу во понеделникот им изрази сочувство на Ерменците и изјави дека меморијалната служба ќе се одржи во текот на оваа седмица во Истанбул. „Повторно се сеќаваме, со почит, на оние кои ги загубиле животите во текот на депортирањето на Ерменците, ја споделуваме болката на нивните деца и внуци“, рече Давутоглу, изразувајќи се многу слично како и минатата година Ердоган.
Во масакрите кои во 1915 година ги извршиле османлиските Турци, убиени се 1,5 милиони луѓе, според Ерменија и други западни земји. Турција во поново време прифаќа дека многу Ерменци загинале во судирите кои започнале во 1915 година, но ја отфрла споменатата бројка убиени и дека станува збор за геноцид. Според официјална Анкара, бројот на загинатите е многукратно зголемен, и изнесува 500 илјади лица. И истакнува дека загинатите во прв ред биле жртви на граѓанска војна и немири во текот на распаѓањето на Османлиското царство. Во април 2014 година, тогашниот турски премиер, сега претседател, Реџеп Тајип Ердоган првпат им изрази жалење на внуците на жртвите на масакрите од 1915 година при што ја спомена „заедничката болка“.
Германија и нејзиниот најголем европски сојузник Франција, како и Европскиот парламент и поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск масакрот го нарекуваат геноцид, а Давутоглу и Ердоган особено жестоко реагираа на изјавата на папата нарекувајќи ја „бесмислици“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.