Европа
Германската влада и покрај извештајот на Гринпис останува на TTIP
Германската влада и покрај објавувањето на тајните детали околу Трансатлантскиот трговски договор и инвестициско партнерство (Transatlantic Trade and Investment Partnership – TTIP), кои во Берлин во понеделникот ги објави организацијата Greenpeace, останува на својот став за неопходноста од продолжувањето на преговорите за слободна трговија меѓу Европската унија и САД, соопшти владиниот портпарол.
„Германската влада и натаму е истрајна на склучувањето на договорот TTIP во целосен обем. Ние зависиме од отворениот пазар“, изјави портпаролот на германската влада Штефан Зајберт во понеделникот набрзо откако беа објавени тајните детали од преговорите меѓу Брисел и Вашингтон што утрото ги објави организацијата Greenpeace, од кои произлегува дека американската страна врши притисок за намалување на социјалните стандарди, на законодавството, во областа на здравството и стандардите во доменот на заштитата на потрошувачите.
Германското министерство за економија соопшти дека станува збор за преговарачки позиции во текот на преговарачкиот процес, а не за готов текст од договорот, без да се осврне на забелешките дека преговорите се водат нетранспарентно без особено европската јавноста да има увид во нив.
„Барањата и преговарачките позиции на едната страна не значи и дека на тие барања ќе им биде удоволено“, изјави портпаролката на министерството за економија кое ги води преговорите за TTIP. „Не можам да ја коментирам автентичност на потеклото и содржината на тие документи. Ние немаме такви податоци, и не можам да ги коментирам“, додаде портпаролката на брифингот со новинарите.
Организацијата Greenpeace во понеделникот, прво преку интернет платформата Republica, а потоа и преку германските медиуми, објави тајни делови од договорот за TTIP во коишто, според нив, Вашингтон врши силен притисок, а кои досега им биле достапни само на политичарите.
Од презентираните документи е забележливо дека американската страна инсистира во преговорите на промената во прописите за заштитата на потрошувачите во Европската унија, што, меѓу другото, би овозможило влегување на генетски модифицирани прехранбени производи, како и продукти третирани со хормони.
Од документите, исто така, се забележува дека американските преговарачи не сакаат да ѝ дозволат на Европската унија во врска со контроверзните специјални арбитражни судови на коишто големите концерни можат да тужат поедини држави доколку дојде до спор, а на што инсистираат САД.
Премиерот на германската сојузна покраина Баварија и претседател на таму неприкосновената Христијанско-социјална унија (CSU), Хорст Зехофер, побара повеќе транспарентност во врска со преговорите за TTIP./крај/мф/сн
Извор: DPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Фон Дер Лајен: На Европа не и се заканува војна, но треба да бидеме подготвени и да произведуваме оружје
Европа во моментов не се соочува со непосредна закана од војна, но мора да биде подготвена за тоа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Треба да бидеме подготвени и тоа започнува со итната потреба за зајакнување и трансформирање на вооружените сили на членките на блокот“, рече Фон дер Лајен на Европскиот самит за одбрана и безбедност.
Според неа, ЕУ мора да произведе оружје од новата генерација за да „победи на бојното поле“.
„Европа треба да се стреми да развие и произведе нова генерација на оперативни способности за да победи во битките и да обезбеди доволно материјално количество и технолошка супериорност што можеби ќе и треба во иднина, а тоа значи турбо полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години,“ изјави Фон дер Лајен.
Европа
(Видео) Русите го гранатираа Чернихив, загинаа најмалку 13 лица, Зеленски бара дополнителна помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка по рускиот ракетен напад врз северниот град Чернихив утринава, при што загинаа најмалку 13 лица.
„Ова немаше да дојде до ова доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот тероризам“, објави Зеленски на „Телеграм“.
Министерот за внатрешни работи, Ихор Клименко, во изјава за „Телеграм“ рече дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 се повредени и дека спасувачките операции се во тек.
Во нападот беа оштетени и четири катни згради, болница, образовна институција и десетици автомобили, додаде тој.
Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис „Суспилна“. Тој рече дека три проектили паднале во близина на центарот на градот и дека е оштетена цивилната инфраструктура.
Локалното население е повикано да дарува крв, изјави градоначалникот Олександр Ломако. Чернихив се наоѓа на речиси 150 километри северно од Киев, недалеку од границата со Русија. Кога руските сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, Чернихив беше нападнат, но не беше преземен.
Европа
Во Германија уапсени 10 лица: за пари набавувале дозволи за престој на странци
Во Германија денеска во полициска акција се уапсени десет лица осомничени дека за големи суми пари набавувале дозволи за престој во Германија за странци од Кина и арапските земји.
„Главни осомничени се двајца адвокати од Келн, а истрагата се води против 38 можни члена на шверцерската банда и против 147 други лица, кои се занимавале со систематски шверц на луѓе“, се вели во соопштението на полициската управа на град веднаш до Келн, кои ја водат операцијата.
Осомничените се обвинети дека донеле странски државјани во Германија и ги набавиле потребните документи за големи суми пари, од 30 до 350 илјади евра. Осомничените основале фиктивни фирми и лажни адреси со кои се регистрирале лица од странство.
Весникот „Билд“ пишува дека меѓу осомничените има и вработени во неколку канцеларии за странци во регионот Рајнланд-Пфалц, кои издавале дозволи за престој за пари. Еден од нив е меѓу уапсените. Како што е соопштено, за време на рацијата била запленета и голема количина пари. Минатата година, со 300.000 бегалци и баратели на азил, Германија забележа значителен пораст на илегалниот влез во земјата.