Европа
Германски политичар од турско потекло добива смртни закани за резолуцијата на ерменскиот геноцид
Џем Оздемир, еден од челниците на германската опозициска Зелена партија кој има турско потекло, добива многубројни смртни закани откако беше автор и се залагаше за резолуцијата којашто го прогласи за геноцид масакрот извршен во Османлиското царство над Ерменците во 1915 година, а којашто со големо мнозинство, со еден глас против и еден воздржан, минатата седмица ја прифати германскиот парламент, а турскиот претседател побара да му биде „проврена крвта“.
Турција жестоко реагираше на ваквиот исход од гласањето во Бундестагот и го повлече својот амбасадор во Германија во знак на протест и најавува други рестриктивни мерки кон Берлин. Анкара прифаќа дека голем број христијански Ерменци биле убиени на територијата на Османлиското царство кон и по крајот на Првата свеска војна, но не прифаќа дека станува збор за геноцид, за што го сметаат дваесетина земји и организации во светот.
Џем Оздемир, како еден од иницијаторите на резолуцијата, добива закани со смрт преку социјалните мрежи и на неговата електронска адреса. Некои од нив му ги испраќаат Германци со турско потекло, а другите се од државјани на Турција, изјави Јулија Јорх, портпаролка на Зелените.
„Оздемир често добива навреди од десните екстремисти и од турските националисти, но по усвојувањето на резолуцијата во четвртокот нивниот број значително се зголеми“, рече портпаролката.
Самиот Оздемир во понеделникот на заканите одговори со пркос: „Гласањето во германскиот парламент не зависи од тоа да ли усреќува или не некои авторитарни водачи“, порача германскиот политичар.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во неделата во своите излагање на истанбулскиот универзитет „Сабахатин Заим“ предложи „да се провери крвта“ на Оздемир за да се утврди неговото турско потекло.
„Значи еден ‘мудрец’ подготвил штогоде и му го доставил на германскиот парламент. Тој е роден и израснат во Германија, во какви архиви барал и што разбрал? И тој е божем Турчин. Но каков Турчин! Неговата крв треба лабораториски да се провери. Бидејќи човек во чии вени тече крв на еден народ, не го обвинува него за геноцид. Со која цел тоа го сторил, тоа е важното прашање“, рече Ердоган алудирајќи на Оздемир.
Ердоган повторно го нападна германскиот парламент нарекувајќи ја Германија лицемерна имајќи ја предвид нејзината историја. Ердоган притоа ги спомена Холокаустот, истребувањето на Евреите во Втората светска војна од страна на германските нацисти, како и геноцидот на Намибијците,
„Вие сте последната држава којашто би требало да гласа за таканаречениот Ерменски геноцид. Нашата историја не е историја на масовни убиства, нашата историја е историја на милосрдие и сочувствување, и со тоа се разликуваме (од Германија)“, заклучил турскиот претседател.
Под Намибиски геноцид се подразбира масакрот врз 80 отсто од населението на племињата хереро (банту) и нама (хотентоти) во Германска југозападна Африка во периодот меѓу 1904 и 1907 година од страна на колонијалистичките војски на Царска Германија. Во 2004 година Германија го призна извршувањето на геноцидот во Намибија.
Германија одамна ја прифати својата вина за Холокаустот и другите нацистички злосторства, и во 1952 година започна со исплаќање отштета на Израел. Берлин во 2012 година одлучи да исплаќа и доживотна месечна пензија за Евреите кои биле во концентрационите логори или гета, или го преживеале нацистичкиот режим под лажни идентитети./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.