Европа
Германското разузнавање пет години ја шпионира Албанија, а 40 Турција
Федералната служба на надворешно разузнавање на Германија (BND) покрај Турција, којашто ја шпионира од 1976 година, шпионирала уште една сојузничка од НАТО – Албанија, и тоа почнувајќи од 2009 година, со посебен интерес за водачите на организираниот криминал, пишува во саботата електронското издание на неделникот Der Spiegel.
Според весникот, BND ја вклучила Албанија во листата земји, кои се обновуваат од особен интерес за германската разузнавачка служба од 2009 година, и тоа поради организираниот криминал. Ваквите листи се составуваат секои четири години со директно учество на кабинетот на федералниот канцелар, министерството за надворешни работи, за економија и за одбрана. Последен пат оваа листа требало да биде обновена во 2013 година, но тоа не се случило досега, поради избувнувањето на минатогодишниот скандал откако Едвард Сноуден, соработникот на американската Агенцијата за национална безбедност (NSA) ги објави документите за масовното шпионирање на електронски комуникации на милиони луѓе во светот. Притоа се појавија документи дека САД прислушувале и сојузници од НАТО и европски политичари, вклучително и дека најмалку десет години го прислушувале телефонот на германската канцеларка Ангела Меркел.Пред извесно време германските медиуми пишуваа дека BND, покрај Албанија, шпионирала уште еден сојузник од НАТО, Турција. Првично беше објавено дека на специјалната листа земји од особен интерес Турција била ставена во 2009 година, со образложение дека процесите во оваа земја се од интерес за Берлин, имајќи предвид дека во Германија живее повеќе милионска турска дијаспора. Потоа се појавија написи во кои се тврди дека таквото задолжение на BND му било поставено во време на канцеларот Герхард Шредер, кој ја водеше германската влада во период меѓу 1998 до 2005 година. Во саботата, пак, магазинот Fokus објави дека Турција биле меѓу германските приоритетни разузнавачки цели најмалку од 1976 година.Актуелниот германски министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер, во интервју за јавната телевизија ZDF изјави дека за шпионирањето на Анкара од страна на BND „покрај од соопштението на агенцијата, дознал и од телефонскиот разговор со турскиот колега Ахмет Давутогли“, кој во меѓувреме се споменува како најверојатен наследник на Реџеп Тајип Ердоган на позицијата премиер, откако овој победи на неодамнешните претседателски избори. Според Штајнмаер, неговиот соговорник „бил многу гневен, и притоа шефот на германската дипломатија одби да даде оцена за медиумските извештаи, образложувајќи дека не поседува веродостојни податоци за темата. Сепак, германските аналитичари сметаат дека тој не е искрен, бидејќи Штајнмаер од 1998 до 2005 година работел како координатор за активностите на германските тајни служби во кабинетот на канцеларот Шредер./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Фон Дер Лајен: На Европа не и се заканува војна, но треба да бидеме подготвени и да произведуваме оружје
Европа во моментов не се соочува со непосредна закана од војна, но мора да биде подготвена за тоа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Треба да бидеме подготвени и тоа започнува со итната потреба за зајакнување и трансформирање на вооружените сили на членките на блокот“, рече Фон дер Лајен на Европскиот самит за одбрана и безбедност.
Според неа, ЕУ мора да произведе оружје од новата генерација за да „победи на бојното поле“.
„Европа треба да се стреми да развие и произведе нова генерација на оперативни способности за да победи во битките и да обезбеди доволно материјално количество и технолошка супериорност што можеби ќе и треба во иднина, а тоа значи турбо полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години,“ изјави Фон дер Лајен.
Европа
(Видео) Русите го гранатираа Чернихив, загинаа најмалку 13 лица, Зеленски бара дополнителна помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка по рускиот ракетен напад врз северниот град Чернихив утринава, при што загинаа најмалку 13 лица.
„Ова немаше да дојде до ова доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот тероризам“, објави Зеленски на „Телеграм“.
Министерот за внатрешни работи, Ихор Клименко, во изјава за „Телеграм“ рече дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 се повредени и дека спасувачките операции се во тек.
Во нападот беа оштетени и четири катни згради, болница, образовна институција и десетици автомобили, додаде тој.
Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис „Суспилна“. Тој рече дека три проектили паднале во близина на центарот на градот и дека е оштетена цивилната инфраструктура.
Локалното население е повикано да дарува крв, изјави градоначалникот Олександр Ломако. Чернихив се наоѓа на речиси 150 километри северно од Киев, недалеку од границата со Русија. Кога руските сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, Чернихив беше нападнат, но не беше преземен.
Европа
Во Германија уапсени 10 лица: за пари набавувале дозволи за престој на странци
Во Германија денеска во полициска акција се уапсени десет лица осомничени дека за големи суми пари набавувале дозволи за престој во Германија за странци од Кина и арапските земји.
„Главни осомничени се двајца адвокати од Келн, а истрагата се води против 38 можни члена на шверцерската банда и против 147 други лица, кои се занимавале со систематски шверц на луѓе“, се вели во соопштението на полициската управа на град веднаш до Келн, кои ја водат операцијата.
Осомничените се обвинети дека донеле странски државјани во Германија и ги набавиле потребните документи за големи суми пари, од 30 до 350 илјади евра. Осомничените основале фиктивни фирми и лажни адреси со кои се регистрирале лица од странство.
Весникот „Билд“ пишува дека меѓу осомничените има и вработени во неколку канцеларии за странци во регионот Рајнланд-Пфалц, кои издавале дозволи за престој за пари. Еден од нив е меѓу уапсените. Како што е соопштено, за време на рацијата била запленета и голема количина пари. Минатата година, со 300.000 бегалци и баратели на азил, Германија забележа значителен пораст на илегалниот влез во земјата.