Европа
Градот Аматриче, прва и најголема жртва на катастрофалниот земјотрес
Аматриче е град кој повеќе не постои, низ солзи рекол градоначалникот на ова мало место во централна Италија, Сергио Пироци, откако овој дел од регионот Лацио, изминатата ноќ беше погоден од разорен земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала.
Аматриче е место во провинцијата Ријети, во италијанската покраина Лацио, се протега на 174 км2 и според извештаите од 2011 година има околу 1.000 жители, чија судбина по земјотресот е непозната.
Градоначалникот за државното радио RAI и телевизијата Sky TG24 изјавил дека жителите се затрупани под рушевините, дека нема струја и дека итно е потребна тешка опрема за да се расчистат урнатините од улиците.
„Градот повеќе го нема“, рекол Пироци.
Канцеларијата на премиерот Матео Ренци соопшти дека веднаш била испратена потребната механизација и опрема.
Истото подрачје во 2009 година го погоди земјотрес со магнитуда 6,3, во кој загинаа повеќе од 300 луѓе. Во оваа област во 1997 година во земјотрес загинаа десетици луѓе и тешко е оштетен еден од бисерите на Умбрија, базиликата на Свети Фрањо Асишки, со фреските на Ѓото.
Малиот град Аматриче датира уште од старата ера и во себе чува големо археолошко богатство (згради уште од римскиот период и гробници). По падот на Западното Римско царство, градот паднал под власта на Лонгобардите, додека во 13-от век бил дел од Неаполското кралство.
Жителите на Аматриче во 14-от и 15-от век често влегувале во конфликт со соседите од Норче и Арквата, места кои исто така се погодени од земјотресот.
Нешто подоцна власта во местото ја имале прочуените семејства Орсини и Медичи, а по обединувањето на Италија 1861 година станува дел од провинцијата Лацио.
Аматриче еднаш веќе бил уништен во разорен земјотрес во 1639 година, а овој регион беше погоден и од силниот земјотрес во 2009 година кога страдаа повеќе од 300 луѓе. крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.