Европа
Гужва во чешкиот парламент поради Марин Лепен
На меѓународната конференција на крајно десните и евроскептичните партии во средата во чешкиот парламент дојде до мешаница во текот на настапот на претседателката на францускиот Национален фронт (FN), Марин Лепен.
Во моментот кога Марин Лепен започна да говори, во салата упаднале дваесетина млади лица кои викале на неа дека е фашист.
Учесниците на конференцијата под насловот „Мирот и напредокот по Европската унија“, се обиделе на групата момчиња која упаднала да ѝ ги одземат транспарентни, при што дошло до вербално и повремено физички судири. Набрзо, групата била изведена од салата.
„Имате среќа, кај вас противниците се облечени“, изјавила Лепен, потсетувајќи на инцидентот од 1-ви мај во Париз, кога активистките на феминистичкото движење FEMEN полуголи го попречуваа собирот на Националниот фронт.
Како и претходно, Лепен во својот настап ја критикуваше ЕУ, нарекувајќи ја „опасен утописки проект“. „Европската унија е лудило коешто се крие зад знамето на погрешната економија, а еврото ја уништува нашата економија“, тврди челничката на Националниот фронт. Според Лепен, ЕУ ја водат луѓе кои не се во состојба Европа „да ја одбранат од најголемата опасност од Втората светска војна“, алудирајќи на тероризмот.
На конференцијата во организација на пратениците кои го поддржуваат чешкиот десничар Томио Окамура, чешки политичар од моравско-јапонско-корејско потекло, според чешката новинска агенција CTK, говори одржале и челникот на фламанските националисти Тон ван Грикен и стручњакот на австриската FPOe за надворешна политика, Јоханес Хубнер.
Лепен во Прага пристигна во вторникот, а истата вечер имаше средба со поранешниот чешки претседател Вацлав Клаус, познат како критичар на состојбите и функционирањето на Европската унија./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Фон Дер Лајен: На Европа не и се заканува војна, но треба да бидеме подготвени и да произведуваме оружје
Европа во моментов не се соочува со непосредна закана од војна, но мора да биде подготвена за тоа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Треба да бидеме подготвени и тоа започнува со итната потреба за зајакнување и трансформирање на вооружените сили на членките на блокот“, рече Фон дер Лајен на Европскиот самит за одбрана и безбедност.
Според неа, ЕУ мора да произведе оружје од новата генерација за да „победи на бојното поле“.
„Европа треба да се стреми да развие и произведе нова генерација на оперативни способности за да победи во битките и да обезбеди доволно материјално количество и технолошка супериорност што можеби ќе и треба во иднина, а тоа значи турбо полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години,“ изјави Фон дер Лајен.
Европа
(Видео) Русите го гранатираа Чернихив, загинаа најмалку 13 лица, Зеленски бара дополнителна помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка по рускиот ракетен напад врз северниот град Чернихив утринава, при што загинаа најмалку 13 лица.
„Ова немаше да дојде до ова доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот тероризам“, објави Зеленски на „Телеграм“.
Министерот за внатрешни работи, Ихор Клименко, во изјава за „Телеграм“ рече дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 се повредени и дека спасувачките операции се во тек.
Во нападот беа оштетени и четири катни згради, болница, образовна институција и десетици автомобили, додаде тој.
Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис „Суспилна“. Тој рече дека три проектили паднале во близина на центарот на градот и дека е оштетена цивилната инфраструктура.
Локалното население е повикано да дарува крв, изјави градоначалникот Олександр Ломако. Чернихив се наоѓа на речиси 150 километри северно од Киев, недалеку од границата со Русија. Кога руските сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, Чернихив беше нападнат, но не беше преземен.
Европа
Во Германија уапсени 10 лица: за пари набавувале дозволи за престој на странци
Во Германија денеска во полициска акција се уапсени десет лица осомничени дека за големи суми пари набавувале дозволи за престој во Германија за странци од Кина и арапските земји.
„Главни осомничени се двајца адвокати од Келн, а истрагата се води против 38 можни члена на шверцерската банда и против 147 други лица, кои се занимавале со систематски шверц на луѓе“, се вели во соопштението на полициската управа на град веднаш до Келн, кои ја водат операцијата.
Осомничените се обвинети дека донеле странски државјани во Германија и ги набавиле потребните документи за големи суми пари, од 30 до 350 илјади евра. Осомничените основале фиктивни фирми и лажни адреси со кои се регистрирале лица од странство.
Весникот „Билд“ пишува дека меѓу осомничените има и вработени во неколку канцеларии за странци во регионот Рајнланд-Пфалц, кои издавале дозволи за престој за пари. Еден од нив е меѓу уапсените. Како што е соопштено, за време на рацијата била запленета и голема количина пари. Минатата година, со 300.000 бегалци и баратели на азил, Германија забележа значителен пораст на илегалниот влез во земјата.